Европската Комисија: Здравството ви е во хаос – Лекувањето е недостапно за се повеќе граѓани

Од земја со здравствен систем помеѓу најдобрите во Европа, само триесет години владеење на СДСМ и ДПМНЕ беа доволни овој систем да го претворат во руинираат до степен на тотална нефункционалност. Стана вистинска реткост да се слушне дека граѓанин е задоволен од неопходните здравствени услуги кои ги добива во јавното здравство, а обој проблем како и многу други не беше тешко да се нотира во последниот извештај на Европската Комисија. Според нив опсегот на здравствените услуги и финансирањето на примарната здравствена заштита неопходно е итно да се подоброат, а особено е потребно да се подобри и  скринингот за рак. Освен тоа, усогласувањето на македонското здравство со здравственото законодавство на ЕУ, останува нецелосно.

Ова се само дел од забелешките наведени во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот кој се однесува на здравството.

„Во наредната година, земјата треба да ги интензивира напорите за контрола на тутунот преку ефективно спроведување на релевантното законодавство на ЕУ и ратификување на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи. Треба и да се обезбеди соодветно финансирање и капацитет за да се обезбеди рано откривање на рак и ретки болести врз основа на податоци од регистрите“, наведено е во делот за препораките до македонските власти.

Во него е наведено дека примарната здравствена заштита е бесплатна, но достапноста и опсегот на услуги, како и финансирањето на примарната здравствена заштита, се области на кои треба да се работи.

„И понатаму недостасуваат одредени специјалисти. Соодносот на лекарите и медицински сестри на 100.000 жители продолжува да биде под просекот на ЕУ, а медицинскиот персонал, медицинските сестри и специјалистите продолжуваат да го напуштаат јавниот здравствен сектор за да работат или во приватен сектор или во странство“, наведено е во извештајот.

Според наоди на Македонското лекарско друштво, за десет години бројот на лекари во земјава се намалил за дури 2.000. Бирокатските процедури за да се отвори ординација, платите кои не се на завидно ниво и немањето финансиска поддршка по завршување на студиите се само дел од главните причини кои ги тераат младите лекари и специјалисти да се иселуваат од земјата

Според Европската Комисија, трошоците за здравствена заштита се високи и тоа оневозможува еднаков пристап до здравствена заштита. Ова само потврдува раст на класните разлики, каде падот во сиромаштија поради лошата економска политика и силна инфлација на се повеќе граѓани им го оневозможува основното човеково право на здравствена заштита.