Улогата на работничката класа во подобрувањето на материјалната и социјална положба на работниците пред Втората светска војна

  • Пишува Никола Петров – Координатор на Левица – Земјоделски сектор

При изучувањето на улогата и однесувањето на работничката класа во текот на НОВ и социјалистичката револуција на Македонија, неопходно внимание треба да се сврти на неколку значајни прашања. Така, работничката класа треба да се посматра како авангарда на напредното движење што ја носи револуцијата. Основачите на марксизмот никогаш не тврделе дека за победа на револуцијата работничката класа треба да претставува мнозинство од населението. Работничката класа е најсвесниот и најорганизираниот дел,  и таа најдобро ги изразува социјалните идеали за кои се бори револуцијата. Успехот на револуцијата зависи од правилноста на стратегијата и тактиката на работничката партија активно да се бори за хегемонија на пролетаријатот во постојаните услови.  Затоа неопходно е да се разгледаат и организацијата, стратегијата и тактиката на работничката партија која водела правилна политика во создавањето на акционото единство меѓу работниците и селаните во Македонија.

Работничката класа во штрајковите се здобива со значајно револуционерно искуство. Сето тоа ќе дојде до израз и во текот на социјалистичката револуција, кога работниците, сразмерно на својот број, зазедоа мошне значајно место во ослободителните единици на НОВЈ и дадоа силен отпор на своите работни места, саботирајќи го производството за непријателот.

Владимир Илич Ленин јасно истакна дека при создавањето на новиот социјалистички општествен поредок, во борбата за целосно уништување на капиталистичкото општество, треба да учествува целата работничка класа, зашто само со авангардата не може да се победи. Да се фрли во оган авангардата додека целата класа, додека широките народни маси не зазеле позиција било на директно учество, било на поддршка на авангардата, или во најмала рака на блага наклонетост, би било не само глупост туку и злосторство.

Соборувањето на владеењето на буржоазијата е можно само од страна на пролетаријатот, кого посебните економски услови на егзистенција го подготвуваат за такво соборување, му даваат сила тоа да го изврши. Според Ленин, додека буржоазијата го раздробува, го цепка селанството и сите ситнобуржоаски слоеви, таа го збива, обединува, организира пролетаријатот. Само пролетаријатот поради својата економска улога во крупното производство е способен да биде водач на сите работни и експлоатирани маси, кои буржоазијата ги експлоатира и угнетува.

Пред војната во 1941 година, во Македонија имало 111 индустриски претпријатија во кои биле вработени 10.853 работници. Најголем дел од работниците биле вработени во тутунската индустрија, во Скопје околу 2000, во Прилеп просечно 791. Меѓу двете војни во Македонија прехранбената индустрија била најразвиена гранка и во неа биле вработени 705 работници и службеници. По прехранбената најразвиена била текстиланта индустрија со 434 работници.

Во годините пред војната положбата на работниците во Македонија била необично тешка, поради долгото работно време, слабата заштита при работа, ниските надници и скапите прехранбени производи и другите неопходни артикли. Работното време на работниците било од 10 – 12 часа, а некаде и до 18 часа. Најбедно биле платени неквалификуваните работници кои ги имало најмногу.

Оваа тешка материјална и социјална состојба на работничката класа во Македонија станала предуслов за појава на првите организирани штрајкови низ фабриките.

На 25. јануари 1936 година доаѓа до штрајк на кондураџиските работници во фабриката Бата во Тетово. Истата година во Куманово стапуваат во штрајк берберските работници кои бараат намалување на работното време од 15 на 8 часа и зголемени плати. Потоа штрајкот на опинчарските работници во Куманово, штрајкот на дрводелските работници во Битола, монополските и шивачките работници во Струмица. Овие штрајкови кои се успешни доведуваат до намалување на работното време, зголемени надници како и за прв пат работодавачите и мајсторите почнуваат да ги плаќаат чираците.

Штрајкот во Куманово на шивачките работници кој е успешно завршен, е раководен од Партијата преку Месниот синдикален совет. На 18. март1938 година во Прилеп успешно завршува штрајкот на шивачките работници, и со него на работниците им се зголемени надниците за 15%. Новиот колективен договор го потпишале сите шивачки работодавачи. На 4.4.1938 година во Прилеп монополските работници стапиле во штрајк. Бараат зголемување на надниците за 20%, укинување на режимот на казни и подобрени услови за работа. Штрајкот трае 7 дена, а во раководството на синдикалната подружница биле членовите на КПЈ, зашто во летото 1938 година во монополот била формирана партиска, а нешто подоцна и скоевска организација.

Положбата на сите работници во текот на 1940 година особено се влошува поради поскапувањата на производите, кое во Македонија изнесува од 25-40%. Во организирањето на борбата значајна улога играат синдикатите, во кои јакне влијанието на комунистите. Во борбата за подобрување на условите за живот нараснува револуционерното расположение и класната свест на работниците и на другите напредни сили.

Честите штрајкови што ги организирале работниците во Македонија заради подобрување на својата материјална положба која била доста тешка, надниците биле ниски, а работниот ден долг, додека цените на прехранбените производи постојано растеле, несразмерно со зголемувањето на работничките дневници. Учеството во штрајковите е од големо значење за работниците, бидејќи се стеклнале со значајно револуционерно искуство. Затоа, за да се разбере однесувањето на работниците во револуцијата, е неопходно познавање на активностите во штрајковите во кои тие извојуваа се’ поголеми права и си ја подобруваа својата положба.

Но, буржоаскиот режим соочен со масовното учество на работниците во штрајковите, и за да го спречи понатамошното револуционизирање, на 31. декемви1940 година објавува распуштање на синдикатите.  По повод распуштањето на синдикатите, ЦК КПЈ издаде проглас во кој се истакнува неговото влијание и укажува во таков случај што треба да се прави. И во прогласот на ПК КПЈ за Македонија од јануари 1941 остро се осудува забраната за синдикатите. Кон крајот на јануари 1941 година е донесена одлука да се пристапи кон формирање на акциони одбори по претпријатијата, како легални тела преку кои ќе се покренуваат тарифни акции и штрајкови.

Во почетокот на јануари 1941 година, врз основа на окружницата на ЦК КПЈ, во Скопје се пристапи кон формирање на посебни илегални синдикални комисии при партиските ќелии и во претпријатијата, заради поорганизирано раководење со работничкото движење и борбата на работниците за своите права.