Мециновиќ: Следува „црвен бран“ во престојната изборна сезона

  • Изјавана на Амар Мециновиќ – Портпарол на Политичката партија Левица за DW, по однос на Претседателските избори кои ќе се случат идната година.

За разлика од минатите претседателски избори, сега видливост на политичката сцена добива и Левица, на која аналитичарите ѝ предвидуваат поголем пробив на следните парламентарни избори. Дали тоа ќе ги поттикне нивните амбиции да си ја измерат силата и на претседателските избори одговори Амар Мециновиќ. Тој вели дека по локалните избори и падот на владата на Заев политичката динамика е променета, а Левица се наметна како средно голема партија, при што тврди дека претстојната изборната сезона ќе се карактеризира со „црвен бран“ и зголемување на нејзиното политичко присуство и влијание.

„Со партискиот пленум на 2-ри декември, ја почнуваме мобилизацијата за изборната сезона. Во однос на претседателските избори и потенцијалните кандидати, тековно се врши опширна проценка низ партиските тела, како и анкетирање на различните опции“, нѝ изјави Мециновиќ.

Како што може да се насети од неговите ставови, Левица во претстојната кампања ќе настапи со реторика дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „се партии на буржоазијата“ меѓу кои нема разлика.

„Како што сите политички партии од албанскиот блок во еден момент од мандатот беа дел од владејачкото мнозинство, така и ДПМНЕ изрази желба да владее заедно со СДС на т.н. ‘лидерска средба’, со одложување поради притисокот кој го наметна Левица против ваквиот обид за окончување на македонската демократија“, вели Мециновиќ.

Криењето на адутите за претседателски избори длабоко е вгнездено во политичката култура во Македонија. Ретки се примерите одлуките да се соопштуваат навреме за да може граѓаните да донесат информирана одлука при гласањето.

Досега во претседателската историја само двајца шефови на држава добија два мандати: Глигоров во 1991 и во 1994 година и Иванов во 2009 и во 2014 година. Првиот мандат Глигоров го доби според стариот начин, со избор во Собранието од страна на пратениците, а вториот мандат го доби според новиот закон за непосреден избор од страна на граѓаните, односно на посебни претседателски избори.