Продолжува реализацијата за изградба на депонија во Свети Николе иако 95% од населението е против

  • Реакција на Левица – Свети Николе

Во Министерството за животна средина, зад затворени врати, без присуство на медиуми и целосна исклученост на јавност, одржан е конститутивниот состанок за формирање на Управен одбор на заедничкото (регионално) Јавно претпријатие „Еко Исток – Североисток“, каде е донесена одлуката за предлог-статут на претпријатието која ќе биде доставено до Советите.

Како што претходно известивме, во предлог-статутот на претпријатието (член 10) како ДЕЈНОСТ на претпријатието е наведено Собирање на ОПАСЕН ОТПАД и ОБРАБОТКА И ОТСТРАНУВАЊЕ НА ОПАСЕН ОТПАД!

Освен ова, во предлог статутот се предвидува и можност податоците кои можат да нанесат штета на деловните интереси на претпријатието да бидат прогласувани за деловна тајна.

Важно е да се нагласи и политичкиот момент, дека претставниците во Одборот избрани од општините чија локална власт припаѓа на СДСМ, ДПМНЕ како и од движењето на Максим Димитриевски, колективно и едногласно ја донесоа оваа одлука!

Повторно го искажуваме граѓанскиот револт во Свети Николе против продолжувањето на процесите за градење на регионална депонија, каде над 95% од месното население е против одлуките донесени од страна на претходните власти, како на централно така и на локално ниво.

Апелираме до Централната власт и МЖСПП да ја преиспита оваа анти-народна одлука околу локацијата за градење на регионална депонија! – Како и до Локалната власт за преземање на нови активности против изградбата на оваа депонија и во интерес на Граѓаните!