Ванковска: Mоралните замки се причина за селективнотo „јавно осудување“ на воените злосторства
- Професорката на филозофскиот факултет Билјана Ванковска во денешната колумна за „Нова Македонија“ насловена „Геноцидот пред нашите очи“, се осврна на тоа какво јавно мислење градат политичарите од Колективниот запад, пред се од САД и ЕУ, при креирањето на јавното мислење за воените злосторства кои ги приреди Израел на Палестинците и светската јавност изминатите неколку дена. Ваквото поведение таа го нарече поставување на „морални замки“ кои го креираат „селективното јавно мислење“. Во прилог ви го пренесуваме овој дел од нејзината колумна:
Во вакви мигови, моралните замки што ви ги поставуваат се секогаш исти: ако си против бомбардирање цивилни цели во Србија, тогаш си Милошевиќ; ако си против колежот и буквалното топење човечки тела во Фалуџа со бел фосфор, тогаш си за Садам, ако си против употреба на НАТО во растурање една средена држава како Либија, тогаш си за диктаторот Гадафи (ене ја Либија „цвета“ во демократија, па и браните и дождовите ја уништија – ама пак тоа сега не е вест на денот). Сега велат дека ако имаш емпатија за палестинските деца, ти си за Хамас.
Не, не можеме да прифатиме вакво селективно „јавно осудување“ само на едната страна, ниту пак е многу морално да напишеш сладуњав текст во кој ќе ги осудиш двете страни и ќе ставиш визија на блиски народи, кои сакаш да живеат прегрнати, едни до други. Она што тие го сметаат дури и за непристојно е: КОНТЕКСТОТ! САД им забранија на новинарите да употребуваат зборови како деескалација, прекин на огнот, крвопролевање. Секоја појава/настан/актер имаат свои заднина, корени, постојат причинско-последични врски. Што ако вербално го осудиме Хамас? Ќе ги вратиме ли израелските невини жртви? Патем, Хамас и беше делумно творба на Мосад кога Арафат им беше неприфатлив. Гајле ли им е на оние што тргнале по патот на насилство и по цена на сопствен живот дали ние ќе ги осудиме или не? Не, драги мои! Нашата јавна осуда (само на едната страна) се бара како заклетва на лојалност пред оние што се вистински виновници за оваа нова Накба (Катастрофа, на арапски, назив за сите премрежиња низ кои со децении минува напатениот палестински народ).
Знаете кое е најголемото и најодвратно лицемерство? Вербата дека пред 7 октомври, пред нападот на припадниците на Хамас, владеел мир и сè било во ред! Не, драги мои! Ние (како човештво) сме прифатиле статус кво во кој Палестинците можат да бидат третирани како затвореници во конц-логор, ама додека се мирни и си трпат, владее мир на Блискиот Исток. Впрочем, само две недели пред последниот крвав чин на Хамас, советникот за национална безбедност на Бајден, Саливан, кажа дека ваков мир во регионот не постоел подолго време.