АктуелноЛокалноСтав

Што со Македонија и нашиот двор наспроти големите превирања во светот?

  • Пишува: Амар Мециновиќ – Портпарол на Политичката партија Левица

На залезот на грозното владеење на СДС, кое целосно се поклопи со тектонските поместувања во светската воена, финасиска и политичка концентрација – чиј почеток го краси единственото историско насилно менување на уставното име за влез во НАТО на бродот кој тоне – сега, сепак, се наѕира финале на спротиставените тежнеења.

Финале, на авторитарната тупаница на политичката мафија, во обид за наметнување на уставните измени од т.н. ,,француски предлог”. Танц помеѓу безидејните бандити од власта кои црпат политичка моќ од странскиот фактор за испорачување на резултати, во што мизерно не успеваат, и милионерската опозиција која не може да избега од притисокот кој го наметнува Левица против замисленото национално предавство.

Покрај истурените пари за мануфактура на јавно мнение во позитивна насока, чувството на непосредна капитулација и национален срам кој следи со измените, во надополнување со негативните сигнали од ЕУ за проширување, не дозволи тетеравење на консензусот во јавноста и покрај политичката криза која го следи овој парламентарен мандат.

Епските, целосни порази кои СДС ги здоби на сите нивоа, иако за нивно исполнување беа впрегнати сите средства, ќе засенат секаков привид кој навидум може да влијае на луѓето – ќе памтиме за средновековните закони од пљачката на векот со ,,Бехтел и Енка”, за инфлацијата, енергетската криза и пандемијата и СЕКОЈ ОБИД за профитирање од кризите. Ќе ја памтиме корупцијата и резултатите од неа, со трагедиите со модуларната болница, Ласкарци, ,,Беса транс”, онкологија и тн.

Чекор во процесот на пасокизација на оваа анахрона партија. Во меѓувреме, како никогаш до сега, се случува сеопшта реставрација на социјалистичките идеи меѓу народот – како од идеолошка утилитарност во борбата против корозивните влијаниа од надвор, така и за уредување на општеството одвнатре. Со морална победа, помеѓу народот и партијата на Трудот се воспостави антифашистичка оска, како резултат на двата антифашистички и едниот сенароден протест од минатата година и попречувањето на рехабилитацијата на фашистичките идеи и дејци во контекстот на современата македонска држава.

И се бранува. Се бранува идејата дека само вистинската и единствена левичарска опција има државнички капацитет да одговори на проблемите со корупцијата, социјалните прашања, економската мизерија, стратешките цели и државни ресурси, инфраструктурата, здравството, школството и разореното чувство на достоинство кај народот.

Црвен Бран претстои на изборите.