Јавно приватни партнерства во енергетиката – Mега крадење на народни пари
- Став на М.А. член на Сектор Енергетика во Левица
Изразот „Не постои такво нешто како бесплатен ручек“ е изрека на непознат мислител која за прв пат се појавила на почетокот на минатиот век и вообичаено се користи за да се истакне идејата дека ништо не е сосема бесплатно и дека сѐ што навидум изгледа „бесплатно“ на крајот се плаќа на некаков начин и најчесто се плаќа неколкукратно повеќе од неговата реална вредност.
Во светот на бизнисот, оваа изрека се користи за да се истакне дека треба да бидете претпазливи кога некој ви нуди нешто „бесплатно“. Во многу случаи, тоа може да биде дел од стратегијата за да се убедат клиентите и секогаш има скриени трошоци или услови кои не се видливи веднаш.
Пред некој ден на јавна сцена Министерот Бочварски со полна уста го испофали јавно приватното партнерство за поставувањето фотонапонска централа на покривот на штипскиот Центар за култура. Кажа како директорот на Центарот за култура успеал сосема бесплатно, без да плати ниту денар, да изгради фотонапонска централа на покривот на државната институција во вредност од сто и кусур илјади евра. Министерот или е навистина наивен и верува во кажаното или не е во детали запознат со тоа што всушност се крие позади оваа зделка.
Министерката Шукова за Чебрен-Галиште кажа дека немало да имаме трошок зашто нашиот влог ќе бил ХЕЦ „Тиквеш“?!? Годишното производство на електрична енергија на ХЕЦ „Тиквеш“ е еднакво на 33-те проценти што ќе ги добиваме од Чебрен. Со проста математичка пресметка се добива дека државата ќе добие едно големо НИШТО од таа зделка. Од друга страна техно-економската анализа на експертите покажува вртоглави профити за грчкиот инвеститор. Повратот на инвестицијата се проценува на 12 години, а концесијата е 60 години.
Ваквите зделки создаваат можност за корупција затоа што не постојат доволно строги механизми за надзор и контрола. Приватните компании користат влијание и ресурси за да добијат специјални привилегии и да влијаат на одлуките на властите. Народски кажано „подмачкуваат кај што треба“.
Во споредба со ова криминално мега крадење на народни пари, проектот „Скопје 2014“ изгледа како „играчка“.
Не смееме да заборавиме дека и Миле Јанакиевски своевремено даваше изјави за вакви „успешни“ проекти, но кај него за жал времето ја потврди изреката дека „Патот до пеколот е поплочен со најдобри намери“. Човекот седум години не виде бел ден од судења и притвори. Криминогените структури на власт безмилосно го раскрчмуваат државниот имот и со итарпејовски приказни ни продаваат магла дека ќе сме добиеле нешто „бесплатно“. И да, на крајот од нивната приказна и тие ќе добијат „бесплатно“ оброк и сместување!
Сите ја сакаме Македонија, единствената разлика е тоа што тие ја сакаат за себе, а ние ја сакаме за СИТЕ НАС!