На денешен ден е формирана Кумановската девизија на НОВЈ

Кумановска дивизија на НОВЈ била формирана во почетокот на октомври 1944 година во селото Жегљане, Кумановско, кога е формиран штабот на дизвизијата. Во нејзиниот состав влегле следните бригади: Шеснаесетта, Седумнаесетта, и Осумнаесетта македонска ударна бригада. Дивизијата имала околу 5500 борци и старешини, и формациски дејствувала во рамките на Шеснаесеттиот македонски корпус.

Командниот состав на дивизијата го сочинувале:

  • Методија Поповски – Мајка, командант
  • Коста Бољановиќ, заменик командант
  • Благоја Поповски, политички комесар
  • Драгутин Филиповиќ, началник на штабот.

Борбените операции на оваа дивизија се одвивале во координација со Четириесет и втората дивизија која исто така била под команда на Шеснаесеттиот македонски корпус. Кумановската дивизија дејствувала на потегот Крива Паланка-Пчиња, заедно со Првата бугарска армија, а потоа на пругата Скопје-Качаник, каде водела жестоки борби со германските сили што се повлекувале, како и со балистичките сили кои оперирале во тој регион. Од нејзините бригади:

Шеснаесетта македонска ударна бригада, водела борби на северниот дел на Скопје; Седумнаесетта македонска ударна бригада дејствувала против Единаесеттата германска воздухопловна пешадиска дивизија; Осумнаесетта македонска ударна бригада, дејствувала на патот Куманово-Врање.

По конечното ослободување на Македонија, оваа дивизија продолжила со борбите против балистите во реонот Прешево и Гнилање, а со воената реформација од декември 1944 година, оваа дивизија била расформирана, а нејзините борци влегле во составот на другите единици на македонската војска.