АктуелноЛокалноСтав

Кому му оди во прилог егзодусот во Градска библиотека?!

  • Пишува: Снежана Стојчевска – Директор на Градска Библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Во секоја нормална држава кога еден вработен оди во пензија, се објавува оглас и се пополнува работното место со нов работник. Во Македонија кога вработен оди во пензија за да се вработи друг на тоа место потребно е согласност од три министерства.

За градските институции пак, планот за вработување потребно е најпрво да биде изгласан на Совет на градот, за потоа да се побара согласност од: Министерството за информатичко општество и администрација, потоа согласност од Министерството за култура и на крај од Министерството за финансии. Сево ова за работно место за кое имало обезбедено средства, некој веќе работел таму и друг треба да ја продолжи неговата работа.  Значи, не се станува збор за креирање на ново работно место. 

Шансите една од овие инстанци да го блокира вработувањето се огромни, што го прави вработувањето на упразниетите места невозможна мисија. 

Имено, во ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје во последните 5 години има 28 пензионирања и 0 вработувања. Библиотеката е основана во 1945 година и годинава слави 78 години од основањето. Библиотеката е комплексна институција која се состои од мрежа од 4 централни и 14 подрачни библиотеки и 1 подвижна библиотека, односно ги опслужува граѓаните на територија на Скопје и околината. Со намалување на бројот на вработени се доведува во прашање работата на Библиотеката, а со тоа и квалитетот на услугите што таа ги дава. За година и пол од 78 вработени пензионирани се 12 луѓе, 3 користат породилно отсуство и остануваме со 62 вработени, иако во систематизаицијата има 96 работни места, кои се потребни за оптимално функционирање на институцијата. Ситуацијата е алармантна и поразителна!

 Кому му оди во прилог ЕГЗОДУСОТ ВО ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА?! Дали некој работи на затворање на библиотеките во моменти кога македонскиот јазик е нападнат однадвор, во моменти кога резултатите од вештината за читање кај децата се на незадоволително ниво, кога „боледуваме“ од функционална неписменост, во мометни кога Книгата сѐ почесто бидува заменета со смарт телефоните и другите уреди, кога оболожувалници и коцкарници има на секој чекор?! 

Исто така, важно е да се каже дека за Библиотеката да може да функционира има ангажирано лица на договор на дело, кои секојдневно одат на работа и со години чекаат вработување. Немањето слух и разбирање за овој проблем не само што влијае врз институцијата, туку влијае и врз бројни човечки судбини. 

Советниците во Град Скопје вчера не ги изгласаа плановите за вработување и ставија крст на надежта дека можеби следната година барем малку ќе се подобри поразителниот тренд, кој е практика во последните пет години. Оваа практика е директна закана за една од најголемите скопски институции и една од најголемите институции од културата во Макеоднија.

Единственото вработување по основ на трансфер помеѓу институции, за кое добивме дозвола од сите министерства, три пати беше блокирано од советниците и истото не можеме да го реализираме. Нивното објаснување беше дека не гласаат ЗА, поради тоа што не сакаат да се намали бројот на наставници по македонски јазик во средното училиште,  иако добивме и потпишана спогодбата од страна на директорот на предметното училиште. Минатата седница советниците гласаа за фомирање на паралелки со намален број на ученици. Намалениот број на ученици, во иднина ќе остави многу наставници како технолошки вишок и со тоа претходно споменатото оправдувања на советниците не е издржано. Иако едно вработување нема да го реши проблемот, барем малку ќе ја ублажеше и онака тешката состојба и на двете засегнати страни – Библиотеката и наставникот/училиштето. 

Институциите се поголеми од нас. Тие постоеле пред ние да дојдеме во нив, ќе постојат и по нас, но ако вака неодговорно се однесуваме кон тоа што е макотрпно создавано по ослободувањето, штетите што ќе настанат ќе бидат неповратни! 

Секој кој барем малку ја разабира работата институциите каква што е Библиотеката, знае дека е потребно време за кадарот да се обучи и да напредува, а дури потоа да има кој да ја наследи позицијата кога на пример најискусните советници ќе заминат во пензија. 

Во момент кога Градот Скопје е избран за Европска престолнина на културата за 2028, и кога поддршката на културните институции треба да биде поголема, нашите барања и планови за вработување се блокирани. Домот на Култура „Кочо Рацин“ (познатиот Дом на градежници) е останат со двајца (и со бројка – 2) вработени! Културно-инфоративниот центар (КИЦ), кој лани славеше 55 години од постоњето, останува со 15 вработени! 

Треба да се издигнеме над партиските интереси и да видиме што е добро за граѓаните и за државата. Треба да размислиме што им оставаме на нашите деца. Треба да помислиме и за културниот идентитет на Градот, кој со децении е креиран и одржуван токму од овие институции и од луѓето во него! Каква е таа Европска престолнина на културата без културни институции во неа?!