Убиен е американски новинар во Филаделфија, пронајден со седум престрелни рани

Американскиот новинар Џош Кругер е убиен во својот дом во Филаделфија, Пенсилванија, соопштија денеска локалните власти.

Полицијата го пронашла новинарот со седум прострелни рани во градниот кош и стомакот, на улицата пред неговата куќа, по што бил пренесен во болница, каде набрзо била констатирана смрт, јавува Гласот на Америка.

Полицијата соопшти дека засега никој не е уапсен и дека сè уште не е познат мотивот.

Локалната полиција верува дека некој влегол во куќата на новинарот, па пукал во него, по што убиецот побегнал, а Кругер најверојатно излегол надвор да побара помош од соседите.

Комитетот за заштита на новинарите забележа 67 убиства на новинари само во 2022 година, а 17 случаи се документирани во САД од 1992 година.

Од тие 17 случаи, Комитетот потврди дека 15 се поврзани со професијата новинар.

Пред да се врати во новинарството во 2021 година, Кругер работеше за градот Филаделфија околу пет години, како директор за комуникации и портпарол на градската Канцеларија за услуги за бездомници.