Андоновски: Отсега па натаму само по дома ќе може да се кажуваме Македонци

  • Фејсбук статус на Дарко Андоновски

“Никој не може да ми го одземе правото да се чувствувам Македонец”. Вака отприлика, сублимирано, звучеше главниот аргумент на апологетите на оваа власт, со кој ја бранеа нејзината “храбра евроинтегративна политика”. И би така…

Отсега па натаму ќе можеме секаде да се чувствуваме, ама само по дома да се кажуваме дека сме Македонци. Историјата, онаа вистинската, по дома ќе си ја пренесуваме од колено на колено. По дома ќе си го збориме и јазикот, ама како дијалект, зашто прашање е на време кога оној литературниот (бугарскиот) ќе ни стане официјален.

Претерувам? Не е можно? – Е па и пред 25 години никој не би поверувал дека Македонија ќе стане ваква каква што е денес. На Бугарите воопшто не им се брза, можат да не малтретираат уште колку сакаат, додека не исполниме се’ што ќе побараат. Ако за еден почеток на преговори (и тој е под знак прашање) направивме оволку отстапки, што ли ќе направиме за вистинско членство?

Како и да е, станавме илегалци во сопствената држава
Од држава во која како народ бевме свои на своето, станавме држава во која, кај и да е, ќе мора да се криеме дека сме Македонци, за да можеме да си ги оствариме граѓанските права.

И не ни се криви тука ни Албанија, ни Грција, ни Бугарија… Не ни се криви ни политичарите… Самите сме си криви што дозволивме да ни го прават ова што ни го прават. Да не се залажуваме, не е предавството ниту во Преспанскиот договор ниту во Францускиот предлог. Предавството беше направено уште многу порано, во оној момент кога некој воопшто си дозволи луксуз да преговара за работи за кои никој нормален во светот не ни разговара.

Ако со резолуцијата осумсто и некоја од ’93 и имавме некаква обврска да “вложуваме напор во правец на надминување на разликите” со јужниот сосед, со Бугарија немавме ама баш никаква потреба да преговараме. Всушност, додека не дојдоа овие изроди на власт, ниту со Грција немавме суштински преговори, особено не после 2008. година…

Цели 5 години ние како овци пред клање гледаме како овие битанги на власт ни ја демонтираат земјата, и тоа во сите сфери на животот, и не најдовме мотив, а уште помалку сила, да им застанеме на пат. Цели 5 години ние гледаме и слушаме како демагози од типот на Заев, Бујар и цела една плејада кретени и медиокритети не гледаат во очи, не лажат и не прават будали при здрава свест… И цели 5 години ни е јасно дека не лажат и дека не прават будали и си ќутиме…

И да не ја должам. Веќе нема простор за калкулации. Или ќе си го ставиме прстот на чело, ќе кажеме доста беше и одлучно, не бирајќи средства ќе застанеме на пат на понатамошното раскусурување на она што сме го наследиле од предците, или нашите потомци ќе бидат граѓани од втор ред во (некогаш) нивната држава.

До нас е, до никој друг!