Пет членки на ЕУ бараат ОБСЕ да ја продолжи комуникација со Русија

Министрите за надворешни работи на пет централноевропски држави во средата (27 септември) се состанаа во Виена и побараа линиите на комуникација со Русија да бидат отворени преку ОБСЕ за да се олесни патот кон мирот во Украина.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија се состанаа во Виена во средата во таканаречениот формат „Централ 5“ за да разговараат за повеќе прашања од заеднички интерес.

Меѓу нив беше и повикот да се обезбеди континуирана релевантност на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), една од ретките паневропски организации во која Русија сè уште е членка.

„Верувам дека мораме да ги задржиме отворени неопходните линии на комуникација и платформи кои можеби ќе ни требаат кога ќе дојде време“, рече на прес-конференција австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, кој беше домаќин на настанот.

Шаленберг рече дека ОБСЕ е „единствената паневропска платформа за дијалог и верувам дека ќе игра и може да игра клучна улога во иднина“.

Неговите колеги, исто така, ја истакнаа важноста на ОБСЕ, при што унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто особено нагласи дека „каналите за комуникација мора да бидат отворени“.

Ден претходно, на барање на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој е и претседавач со ОБСЕ, во Виена се одржа вонреден состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ, со засилено учество на високо ниучество на повеќе министри. Според соопштението на МНР, во фокусот на дискусиите биле потребата од усвојување на буџетот, именување на раководните структури и избор на претседавач на Организацијата во 2024 година.

Министрите на групата позната како „Централ 5“

Поради ветото на Русија, нема договор за тоа која земја ќе претседава со институцијата во 2024 година, а дискусиите за буџетот на организацијата се во застој со месеци. ОБСЕ во моментов е под притисок, при што Русија ја блокира институцијата да игра голема улога во тековната војна.

Унгарија постојано беше критикувана за нејзиниот попомирувачки пристап кон Русија. Во април, земјата, која добива околу 80 отсто од својот гас од Русија, потпиша нов енергетски договор со земјата за да обезбеди континуирано снабдување со нафта и гас и покрај европските ветувања за постепено укинување на рускиот увоз на енергија. Сијарто ќе се врати во Русија во средината на октомври за да учествува на Неделата на руската енергија.

Но, Австрија беше критикувана и за помек став кон Русија. Заклучно со јули, земјата увезуваше околу 66 отсто од својот гас од Русија, што е намалување од 79 отсто пред војната.

Австрија, исто така, беше жестоко критикувана што дозволи руските делегати во ОБСЕ да влезат во Австрија за да учествуваат на состаноците на организацијата. Шаленберг истакна дека вклучувањето на Белорусија и Русија ќе биде од витално значење за функционирањето на организацијата.

Словенија, Чешка и Словачка исто така ја истакнаа потребата да се спаси ОБСЕ од ирелевантност.

ОБСЕ е „единствената организација која има отворен дијалог со Русија“, рече словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, додека нејзиниот чешки колега Јан Липавски додаде дека таа е „еден од столбовите на европската безбедносна архитектура“.