Јанчев: Мини-хидроцентралите се придобивка за олигарсите, ова е класичен пример на експлоатација
Саше Јанчев е советник во Општина Гевгелија од редовите на Левица и борец во првите редови на протестите за спас на реката Дошница на планината Кожуф. Во оваа прилика поразговаравме за планираната изградба на двете мали хидроелектрани, последиците од истата, протестите и истрајноста на граѓаните кои не се откажуваат од своите барања.
- Што значи евентуалната изградба на двете мини-хидроцентрали на реката Дошница и какви последици ќе предизвика истата?
Тоа значи крај за една од најчистите реки во Македонија, а следствено на тоа и на целиот жив свет кој е поврзан со оваа река. Изградбата на мини-хидроцентрала значи фаќање на цела река во цевки, а во коритото на реката се пушта вода колку да не биде без ич. Ние имаме таков пример во Смрдлива Вода. По изградбата на мини-хидроцентралата, на местото каде што некогаш имаше река со риби, ракчиња и брег на којшто имаше дрва стари по илјада години, сега нема буквално ништо. Има само црвеникава кал.
- Дали изградбата на овие мини-хидроцентрали има свои придобивки или Дошница е уште еден предмет на бизнис интереси?
Има придобивки само за банкарските сметки на олигарсите. Равенката е многу едноставна. Мини-хидроцентралите имаат минимален, речиси никаков удел во вкупното производство на електричната енергија, имаат огромен удел на сметките на олигарсите и прават огромна штета за сите останати во форма на уништување на природните богатства. Ова е класичен пример на експлоатација на природните богатства во кој профитот се приватизира, а штетата се социјализира.
- Кои се барањата на народот и доколку не се исполнат дали може да очекуваме радикализација на протестите?
Барањата во основ се две. Едното е итен прекин на изградбата на двете мини-хидроцентрали на реката Дошница, а другото е прогласување на Кожуф за национален парк.
По однос на радикализацијата, треба да се има предвид дека веќе имаше протесна блокада на Кожуф пред багерите кои почнаа со работа на овие две мини-хидроцентрали и доколку овој проект не биде стопиран активистите најавија трајни блокади со жив штит. Со други зборови, мини-хидроцентрали на Кожуф вакa или така нема да има.
По однос на барањето Кожуф да се прогласи за национален парк, очигледно е дека веќе постои таква иницијатива, а организаторите на протестот најавија дека работат на нејзино окрупнување.
Накратко, народот сериозно се самоорганизира и надлежните институции ова треба да го сфатат крајно сериозно.
- Премиерот и министерката за животна средина велат дека постапката е започната уште пред неколку години и прашаа зошто дури сега граѓаните го искажуваат својот став. Од друга страна, народот вели дека целата постапка била во тајност и дека јавноста немала пристап до никакви информации. Колку е точно ова?
Народот сега реагира бидејќи сега на Кожуф се појавија багери кои пробиваат пат ништејќи се пред себе. Целата постапка за изградба на овие мини-хидроцентрали беше тајна.
Кожуф е голема планина која се протега на територија на неколку општини и е национално природно богатство на цела Македонија. Во таква ситуација, пред вакви зафати, надлежните институции мораат да го информираат и прашаат народот.
Сведоци сме како се фрлаат и по стотици илјади евра народни пари за налудничави кампањи, а кога станува збор за користење, во случајов експлоатација и ништење, на народното природно богатство, сметаат дека доволно е одлука и печат од државен орган за кои народот ќе разбере дури кога ќе му се појават багерите пред очи.
По однос на информираноста, не јас и гевгеличани, апсолутно никој не беше известен за ништо во врска со овие мини-хидроцентрали.
- Освен Левица, дали некоја друга партија го поддржа протестот? Ќе останете ли истрајни, рамо до рамо со народот?
Не знам кој се и на каков начин го поддржа протестот оти ова е тема која обединува многу народ од разни групи, а и од разни општини и краеви на Македонија. Уште во самата организација се гледа дека тука се спојуваат поединци и здруженија на граѓани кои настрана од ова се формирани и делуваат за различни цели. На самиот протест имаше точкаџии, планинари, екологисти, моторџии, политичари, функционери, активисти од различни партии, а имаше и многу луѓе кои формално не припаѓаат на ниедна група и се појавија индивидуално да го поддржат протестот. Имаше луѓе од Гевгелија, Кавадарци, Демир Капија, Валандово, Струмица, Неготино и не знам точно уште од каде.
Ќе повторам, двете цели (стопирање на изградбата на мини-хидроцентралите на Дошница и прогласувањето на Кожуф за национален парк) имаат интегрирачка, обединувачка моќ, што се гледа како на организационо ниво, така и на ниво на поддршка. Така што, на прашањето за поддршка на протестот најточен одговор би било дека народот го поддржа протестот.
Ова е движење кое уште во самиот зародок, во однос на своите цели, ги има сите квалитети на народно движење и не се сомневам дека тоа ќе успее затоа што истото веќе расте и ќе зема замав од такви димензии што на крај одлучувачките фактори нема да се во можност да го игнорираат или да му се спротиставуваат без тоа политички скапо да ги чини.
Што се однесува до поддршката на Левица, тоа е сосема природна работа со оглед дека ова е класичен пример на експлоатација. Експлоатацијата е коренот на општествените зла и најпластично кажано е оној феномен кога на грбот на многумина се прави бенефит за малкумина и кога заедничкиот, народен, имот се искористува или уништува за бенефит на малкумина. На секоја права левичарска партија борбата со експлоатацијата и е причина да постои.
Имајќи предвид дека ова е класичен пример на експлоатација, кога се експлоатира и уништува народен имот (Кожуф) за профит на неколку олигарси, Левица нема избор освен да биде истрајна во поддршката за заштита на Кожуф од експолатација.