ООН го осуди ембаргото на САД против Куба – Санкциите не се алатка за демократијата

И оваа година ОOН усвоија резолуција, 30-та по ред, со која се осудува децениската американска блокада на Куба. Ембаргото на САД против Куба е најтрајното трговско ембарго во модерната историја. САД првпат воведоа ембарго за продажба на оружје на Куба на 14 март 1958 година, за време на режимот на Фулгенсио Батиста. На 19 октомври 1960 година, две години откако Кубанската револуција на Фидел Кастро доведе до смена на режимот на Батиста, САД повторно ставија ембарго на извозот во Куба, освен за храна. На 7 февруари 1962 година, ембаргото беше проширено и го вклучи речиси целиот извоз.

Генералното собрание на Обединетите нации секоја година од 1992 година донесува резолуција со која се бара крај на американското економско ембарго кон Куба, при што САД и Израел се единствените нации кои постојано гласаа против резолуциите. Генералното собрание на Обединетите нации и оваа година со големо мнозинство гласаше за резолуција со која се осудува повеќедецениското американско ембарго против Куба. Само САД и Израел гласаа против мерката, додека Украина и Бразил беа воздржани.

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез истакна дека „од 2019 година, САД ја ескалираа опсадата околу нашата земја, доведувајќи ја до уште посурова и понехумана состојба, со цел намерно да предизвикаат најголема можна штета на кубанските семејства“. Исто така тој истакна дека американскиот претседател Џо Бајден ја продолжил политиката на „максимален притисок“ на неговиот претходник Доналд Трамп, наместо да го продолжи трендот на одмрзнување на односите што Барак Обама го поттикна за време на неговата последна година на функцијата.

Вашингтон воведе дополнителни санкции за Куба минатата година, осудувајќи го полицискиот одговор на избувнувањето на протестите кои започнаа со протести поради недостигот на храна и лекови и се претворија, со помош на САД, во насилни антивладини демонстрации.

Минатата година за време на гласањето во ОН, политичкиот координатор Родни Хантер, рече дека санкциите се „еден сет на алатки во пошироките напори на Вашингтон кон Куба за унапредување на демократијата, промовирање на почитувањето на човековите права и помагање на кубанскиот народ да ги оствари основните слободи“.

„Ако владата на Соединетите Американски Држави навистина се грижеше за благосостојбата, човековите права и самоопределувањето на кубанскиот народ, тие би можеле да го укинат ембаргото“, рече министерот за надворешни работи Бруно Родригез, наместо тоа, САД ги потикнуваат медиумите во жестока кампања на дезинформации и омаловажување на Куба, користејќи ги нашите деца, млади и уметниците како цели на ова политичко и медиумско бомбардирање.

Откако Бајден е на функцијата, ембаргото ја чини кубанската економија околу 6,35 милијарди долари што е бројка од 15 милиони долари дневно. 

Вчера во ООН гласаа за „крај на блокадата на Куба од САД“ „ЗА“ гласаа 185 земји, „Против“ само две (САД и Израел), а „вОЗДРЖАНИ“ беа само Украина и Бразил.