Трајковски: Економската (не)оправданост на хидроелектрана (ПАХЕ) „Чебрен“
- Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски
Го отворив веб сајтот на ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ), со цел да ги проверам параметрите на пумпно-акумулационата хидроелектрана (ПАХЕ) „Чебрен“. Барав оправдување за цената од една милијарда евра, мислејќи дека претходно пресметаната цена од 553 милиони евра важела за класична хидроелектрана со една акумулација на вода.
Меѓутоа, не било така. Дури и прелиминарните пресметки од ЕСМ важеа за реверзибилна, пумпно-акумулациона ХЕ со две акумулации. Додуша долната акумулација не мора да биде многу голема и доволно е да акумулира вода за само неколку дена, додека времето е облачно и водата не може да се пумпа назад во горната акумулација, со електрична енергија од фотоволтаичните електрани. Пресметките на ЕСМ беа дури направени за многу поснажна електрана од вчера договорената (458 MW наспроти 333 MW).
Цените важеа за 2017 година, па ако ја земеме предвид инфлацијата од 30% и по тој основ ја зголемиме цената, а од друга страна поради помалата инсталирана моќност ја намалиме цената со фактор 333/458=0,727, тогаш фер цената за штотуку пазарената ПАХЕ би требало да изнесува околу 5531,30,727 = 522 милиони евра, односно безмалку двојно помалку отколку договорените 1000 милиони евра. Што е многу – многу е.
Инаку, за споредба постоечката ХЕЦ „Тиквеш“ при истиот годишен проток на вода и бруто пад од 100 m произведува околу 150 GWh (гигаватчас) електрична енергија, при инсталирана моќност од 112 MW (4 агрегати од по 28 MW). ПАХЕ „Чебрен“, при истиот проток (под услов да нема притоки во Црна Река низводно од Чебрен), со бруто пад од околу 192 m би можела да произведува околу 1,92150 = 288 GWh електрична енергија годишно. Со инсталирана моќност од 333 MW (0,33 GW) се добива средното дневно време на работа од 288/(0,33365) = 2,39 часа. Имено, работејќи ја електраната со максималната инсталирана моќност, дневната резерва вода би се трошела за само 2,5 часа, секако не земајќи ја предвид реверзибилноста.
Ова покажува дека ПАХЕ „Чебрен“ воопшто не е наменета да работи како класична хидроелектрана (иако, се разбира има корист и од редовниот проток на Црна Река), туку нејзината главна предност е реверзибилноста, односно работа во пумпно-турбински режим. Токму затоа се предвидени агрегати од 333 MW, иако со раположливиот проток и 200 MW би биле сосема доволни (за 1,9 пати повеќе отколку во ХЕ „Тиквеш“). Дење електраната би работела како пумпна станица (со агрегат конфигуриран како мотор-пумпа) трошејќи ја евтината електрична енергија од фотоволтаичните електрани и истовремено складирајќи ја во форма на потенцијална енергија на гравитацијата на водата во горната акумулација. Навечер и ноќе, пак, електраната би работела како класична хидроелектрана (со агрегат во конфигурација турбина-генератор). На тој начин би добивале електрична енергија и навечер, кога Сонцето не грее, што е важно за целото наше население.
Можеме да кажеме и поинаку: ПАХЕ „Чебрен“ доминантно ќе претставува бизнис за складирање на електричната енергија, конкурентен на моментално најмногу користените литиум-јонски батериски банки. Класичното производство на електрична енергија од истекот на вода би бил само дополнителен бизнис во однос на складирањето на енергијата.
Да направиме една груба пресметка на исплатливоста на складирањето на електричната енергија во ПАХЕ „Чебрен“. Цената за градба е таква каква што е, една милијарда евра, а ќе претпоставиме дека времето за враќање на инвестицијата изнесува 30 години. Електраната претежно ќе ја „врти“ истата вода помеѓу горната и долната акумулација, така што 5,5 часа дневно ќе произведува електрична енергија, а 6,5 часа дневно ќе троши електрична енергија за пумпање на водата назад. Ќе сметаме дека и производството и пумпањето ќе се одвиваат при моќност од 330 MW, но поради загубите во трансформацијата на енергијата ќе треба да се пумпа подолго (т.е. да се троши повеќе енергија) отколку што ќе се добива при производство. При 330 MW, по 5,5 часа дневно, во текот на 30 години ПАХЕ би складирала и ослободила вкупно 0,335,5365*30 = 19.874 GWh, односно приближно 20 TWh (тераватчас) електрична енергија (аутпут). Патем, за пумпање би потрошила околу 23,5 TWh (инпут). Разликата се загубите при конверзијата на енергијата.
Трошоците за персоналот се мали, бидејќи во хидроелектраните нема потреба од многу работници. Ако работаат 50 вработени, со годишна бруто плата од 12.000 евра, за 30 години тоа би изнесувало сé на сé 18 милиони евра, што е капка во морето од инвестираните милијарда евра. За одржување и отстранување на разни дефекти ќе предвидиме 100 милиони евра во текот на 30 години. Така доаѓаме до вкупно 1.118 милиони евра (фиксни и варијабилни трошоци) за 30 години. понатаму, ќе сметаме во денешни евра, односно ќе претпоставиме дека каматниот трошок ќе се компензира со растот на цената на алектричната енергија.
Доаѓаме до најважното, цената за складирање на 1 MWh изнесува приближно 1.118.000.000 евра / 19.874.000 MWh = 56,2 евра/MWh. Оваа цена е значително пониска од цената на складирањето со литиум-јонски батерии, којашто изнесува од 75 до 115 евра/MWh. Во македонски услови, речиси сигурно е дека би биле на горната граница од овој дијапазон. Кога ќе ја подвлечеме цртата, испаѓа дека цената на складирањето со ПАХЕ „Чебрен“ би била двојно пониска отколку со литиум-јонски батерии, дури и со договорената цена за изградба од една милијарда евра. Доколку самите би ја граделе електраната за 522 милиони евра, цената на складирањето би била уште пониска, односно само 29,3 евра/MWh.
Овие пресметки важат во првите 30 години, односно до исплатувањето на инвестицијата. Откако инвестицијата ќе се исплати, цената драстично се намалува и ќе биде определена само од трошоците за одржување и платите на персоналот, што се релативно мали. За разлика од складирањето со вода, цената на складирањето со литиум-јонски батерии останува цело време висока, бидејќи батериите мораат да се заменуваат по извесно време (3.000 циклуси на полнење и празнење, односно максимално на 8 години).
Но тоа не е сé (што би рекле во топ-шоп рекламите). ПАХЕ „Чебрен“ би произведувала електрична енергија од самиот тек на Црна Река, споменатите 288 GWh годишно, односно 8,64 TWh за 30 години. Доколку ПАХЕ не би се користела за складирање на енергијата со „вртење“ на една иста вода, тогаш цената на така добиената електрична енергија би била 1.118.000.000 евра / 8.640.000 MWh = 129,4 евра/MWh, што е двојно поскапо отколку моментално од РЕК Битола (56 евра/MWh).
Но, доколку електраната би ја изградиле самите за двојно помалку пари, тогаш цената на произведената енергија само од протокот на Црна би изнесувал околу 67,5 евра/MWh, што е блиску до цената на енергијата од нашите ТЕЦ на јаглен. Всушност, главен проблем и високата цена на енергијата од ПАХЕ „Чебрен“ би бил малиот проток на вода од Црна Река.
Доколку реката имала поголем проток, цената би била уште пониска, но со глобалното затоплување и претстојната суша протокот може да биде само помал. Во секој случај, приходот од класично произведената енергија е добредојден и придонесува кон исплатливоста на реверзибилната електрана, особено ако земеме предвид дека немаме друг избор, бидејќи РЕК „Битола“ целосно ќе престане со работа до 2030 година поради обврските преземени кон ЕУ.
Во сите погорни пресметки не е земена во предвид цената на електричната енергија од фотонапонските електрани, бидејќи тоа е сосема друг бизнис, додека тука зборуваме само за складирањето. Во последно време цената на оваа енергија е многу ниска во дневните часови, а некогаш опаѓа дури до нула, па дури станува и негативна (поради нуклеарните електрани кои се дури спремни и да платат за преземање на нивната енергија, само за да не мораат да ги гаснат и рестартираат преку ден). Сé на сé, со просечна цена од 15 евра/MWh за производство од фотонапонските електрани и цена на складирање во ПАХЕ „Чебрен“ од 56,2 евра/MWh, односно вкупно околу 71 евра/MWh (што може да биде и пониска доколку самите ја градиме ПАХЕ), добиваме привлечна и исплатлива алтернатива на постоечките ТЕЦ, кои наскоро ќе мораат да престанат со работа.
Сега доаѓаме до најважното прашање, дали ПАХЕ „Чебрен“ требаше да ја градиме заедно со Грците или пак самостојно, на кредит. Бидејќи „Чебрен“ може да опслужува фотонапонски електрани со инсталирана моќност од само 330 MW, а ние во иднина ќе имаме многу поголеми потреби (до крајот на следната година се смета дека ќе имаме фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 600 MW), одговорот е еднозначен: под никакви услови Грците не требаше да бидат вклучени во изградбата и подоцнежната експлоатација на ПАХЕ „Чебрен“.
Со оглед на растечките потреби, новата ПАХЕ дури би требало да предвиди испусти и затворачи во браната за агрегати од вкупно 600 MW инсталирана моќност, а нови машински хали и агрегати би се додавале во одење, како што ќе се обезбедуват пари. Малиот проток на Црна Река тука не е битен, бидејќи се работи со вода во двете акумулации што рециркулира. ПАХЕ „Чебрен“ во иднина треба да добие централно место во електроенергетскиот систем на земјата, заедно со фотонапонските електрани, како што ќе се намалува значењето на РЕК „Битола“.
Да се вратиме на прашањето за неоправданоста на давање на новата ПАХЕ под концесија на Грците.
Прво, како и со секоја концесија, надоместот што ние ќе го добиваме нема да биде адекватен на користа што Грците ќе ја имаат од произведената, односно складираната електрична енергија. Слично како со рудниците за злато во Мали или рудниците за уран во Нигер. Но, дури и овие сиромашни африкански народи конечно се освестиле и не сакаат да бидат повеќе експлоатирани.
Второ, ако нашето учество во инвестицијата и сопственоста изнесува само 33%, тоа значи дека нашата инсталирана моќност за складирање и конверзија ќе изнесува само 110 MW, што е далеку под нашите идни потреби, особено во светло на умирачкиот РЕК „Битола“.
Трето, ние немаме неограничени хидропотенцијали, па де се расфрламе со нив и да ги помагаме соседите. Хидроенергетскиот проект „Вардарска долина“ ќе ни изгледа само како недостижен сон откако ќе ги фрлиме парите, речиси две милијарди евра, за градба на непотребните автопатишта. Згора на сé, утре ќе мораме кај Грците да ја купуваме (и тоа по многу повисока цена!) електричната енергија произведена или складирана во нашата реверзибилна хидроелектрана.
Конечно, дали некој се запрашал, зошто автопатиштата не ги дадовме под концесија, а ПАХЕ „Чебрен“ не би ја граделе самите, на кредит, туку токму обратно? Одговорот е едноставен: во приватните инвестициски компании и фондови и во инвестициските банки не седат идиоти, туку високософистицирани и математички потковани луѓе кои веднаш ја пресметале неисплатливоста на автопатиштата, па нé оставиле самите да се занимаваме со нив.
Од друга страна, многу добро го препознале потенцијалот на ПАХЕ „Чебрен“, особено во контекст на фотоволтаичните електрани, па се „закачиле“ за нашите неискористени природни потенцијали. Така паметните и богатите ќе станат уште побогати, а ние можеме да станеме само уште посиромашни.
Да заклучиме – ПАХЕ „Чебрен“ треба да се гради, макар и со странски изведувачи ако не може со домашни, но исклучиво за сопствени потреби и без никакви концесии на странци.