Расте притисокот на јавноста за случајот со онкологија – Денес нов протест

Под мотото „Правда за жртвите“ за денеска најавен е протест за скандалот во онкологија во организација на неформалната група „Протест против убиството на онкологија“. Ова е трет протес по ред, а револтот на јавноста станува се поголем откако проструија нови сомнежи дека на Клиниката воопшто нема евиденција за пациенти кои починале во домашни услови, како и дека тие се воделе како живи, а лековите наместо за пациентите завршиле на црниот пазар.

Протестот е поддржан и од националниот координатор во самостојниот синдикат на здравствените работници Боби Бојчевски. Тој побара да се открие, секој здравствен профитер од Онкологија, со име и презиме. Пред половина месец инспектори и обвинители влегоа на Клиниката за онкологија. Земени се компјутери, документи и медицинска евиденција на пациентите. Но, Обвинителството досега не излезе со официјални информации што е пронајдено и дали има осомничени од раководството на клиниката.