Цуцуловски: Не смееме да дозволиме мајтапења во образованието, историјата или учебниците
- Фејсбук статус на професор Љубомир Цуцуловски
Повеќепати потсетував на албумот „Одбрана и последњи дани“ од групата Идоли. По сѐ изгледа дека Македонија, како држава каква досега ја познававме, ги живее последните денови. Со тоа, не прекинува, ниту смее да прекине нејзината одбрана, бидејќи се брани и она што е пред својот крај. Се брани, меѓу другото, и преку сеќавањата за сѐ што досега било, што е или што некогаш ќе биде, оти само така може да се задржи она што е при крај или кое веќе заминало.
Меѓутоа, дури и да заминало, сепак остануваат сеќавањата како матрица преку која нештата можат да се возобноват и повторно да се воспостават. Слушам како се говори/шушка за Трет Илинден. Мислам дека такво нешто не ни треба, бидејќи Илинден е единствен – како процес или како континуитет, сеедно. Оној од 1903 година, како и оној од 1944 година претставуваат само етапи во остварувањето на Единствениот Илинден, како што етапа ќе биде некој нареден и, условно кажано, трет Илинден.
Снажните, бескомпромисните сеќавања/знаења за она што сме, како и за она што сме биле, моќно ќе помогнат во одбраната на Македонија, дури и ако ги живееме нејзините последни денови. Ништо во овој свет не е необновливо, ниту некогаш, кога и да било, заминало.
Затоа, помеѓу другото, не смееме да дозволиме поигрувања и мајтапења во образованието, историјата или учебниците, оти тие (учебниците) на многу нешта учат. Ако и тие се променат/модифицираат, тогаш и многу нешта ќе се променат/модифицираат. Затоа и постојат сеќавањета – да се возобнови она што се загубило, ако некогаш (кога и да е) се загубило.