Мултимедијален настан на групата „Шатакуа“ во Музеј на град Скопје

На 12 септември, вторник, со почеток од 19:30 часот, во Музејот на град Скопје за прв пат ќе биде претставена уметничката група  Шатакуа Скопје. Истоимениот проект, Chatautauqua, е сплет од аналогна фотографија, видео движења, објекти и музика, а овој мултимедијален настан внимателно е развиван преку три години. Составот на групата Шатакуа Скопје е непосреден, другарски и ненаметлив. Има 4 члена:

• Филип Куновски, сврзното ткиво на колективот

• Дарко Поповски, што го знаеме како Плутос

• Јулијан Мицевски, од екипата на Скопски Грув

• Андреј Татарчевски, на Татар

Очекувајте висококвалитетни аналогни принтови во невообичаени формати. Аналогните фотографии се создадени низ сложен процес во Кошице, Словачка, едно од ретките места во Европа каде што се развива и печати ваков тип на фотографија. Видеото во проектот е поддршка и уште еден столб во изразот на овој колектив, а музиката, како и секогаш, е тука да ја оплемени целата приказна.

Инспирацијата доаѓа од култната „Зен и уметноста на поправање мотори“ на Роберт М. Пирсиг, каде авторот се повикува на оние Шатакуи од 20-те години на минатиот век, кои патувале низ Америка и имале за цел да поучат и забават, нудејќи широка палета на различни уметнички дисциплини преку кои ја остварувале својата цел.

Затоа, нашата Шатакуа е:

„Повеќеслоен аудио-визуелен комплет што во основа е аудио сложувалка, попарена со видео фајлови, дообјаснета преку фотографии и пригодни објекти,“ – Дарко Поповски.

Повелете во Музеј на Град Скопје на 12.09 во 19:30 часот на отворањето на мултимедијалниот проект кој ќе трае до 24ти овој месец.