Странските инвеститори и странските работници создаваат нова генерација на домашни стечајци

  • Пишува Александар Симонов – Координатор на Левица Сектор за надворешна политика, долгогодишен активист во областа на работничките права, во колумна за „Фокус“, откако Организацијата на работодавачи и актуелната власт најавија зголемување на квотите за странски работници.

Ако мислевте дека капитализмот го заврши генерирањето на стечајци со транзицијата на СДС-ДПМНЕ – се лажете! Денес се појавува нова генерација на стечајци, а нејзе ќе ја создадат старите, добро познати чорбаџии, кои до вчера приватизираа, а денес се „успешни бизнисмени и претприемачи“. Секако, потпомогнати од експлоататори на човечкиот капитал претставен како „странски инвеститори“. 

– Но, како се создава новата генерација стечајци?

Во периодот на корона кризата, следеа масовни отпуштања работниците од чорбаџиите на кои „им трпеа бизнисите“ (а нели, капиталот не смее, човекот е тој што треба да трпи), епа меѓу нив беа напуштени огромен број на работници со над дваесет, триесет, па дури и над триесет и пет години работен стаж (не дека сега повторно луѓе со ваков стаж не останувааат без работа).

Овие луѓе, денес се сите над педесетата година од својот живот, сосема при крај од работниот век, прилично исцрпени откако триесетина години поминале низ погоните на фабриките на овие „успешниве бизнисмени“, претходно (или меѓувремено) оставени без работа, не се вратени назад, а кога се обидуваат некаде да се вработат, најчесто се одбиени заради возраста и намалената работоспособност како главна причина.

– Каде е бељата?  

Со овозможувањето „увоз на работници“ државата овозможува овие „успешни бизнисмени“ да ги фрлат на улица оние работници од кои прво им ги отуѓија, а после на нивен грб ги направија сопствените капитални империи и истите при крајот од својот работен век, со години (иако дел од нив веројатно и деценија, во зависност што работеле и во каква здравствена состојба се) ќе чекаат на својата пензија. После 30 години работен стаж, тие се оставени „под биро“ и ќе живеат на социјална помош (на сметка на државата, не по своја волја) до пензионирање, каде веројатно ќе трпат, и за леб, и за лек. – Е, ова е новата генерација стечајци!

На нивно место ќе дојдат „увезените работници“ (значително помлади, физички поспособни, сѐ уште не исцрпени) кои со законските измени и можностите за зголемување на работното време, совршено ќе бидат експлоатирани, додека нашите работници, кои претходните 30 години вредеа, од денес се безвредни. 

– Сакавте капиталистичко општество, бујрум социјална држава!

Дополнително констатираме: Потребата од странски работници се појави откако младите ја напуштија државата, токму заради условите за работа кои ги нудеа баш овие домашни и странски чорбаџии. Па така од „ќе ги вратиме младите назад“ стигнавме до „ќе овозможиме увоз на работници од странство“ и тоа по барање на чорбаџиите. 

За илустрација, од Штип се испишани 81 ученик од осмолетка, поради иселување во странство, за едно полугодие. Во истиот тој град чорбаџиите плачат дека им фалат работници (најмногу во текстилна, но и во други индустрии). Да друже, истите оние чорбаџии кои се бунат против секое покачување на плата, чие изживување со години го трпеле многу работници, кои условите за работа што ги овозможуваат се под секој достоен човечки минимум и кои после 30 години експлоатација ги оставија луѓето на улица, се жалат дека „нема работници“ додека ја создаваат новата генерација стечајци.

Чорбаџиите секогаш биле отуѓени од работникот и ќе останат како такви, а уназадувањето што го нанесуваат на народот, нацијата и државата, не се мери ниту во светлосни години. – Како тие ја менуваат демографијата, па тоа веќе не може ниту пописен фалсификат на СДС и ДУИ да го скрие.

И додека политиката ни е сведена на дневнополитички будалаштини за ситни поени,  Македонците не си отидоа, туку се избркани – и тоа не од зли соседи, ниту од „црни врани“, туку од чорбаџиите – што домашни, што странски, претставени како месијански филантропи што нѐ спасуваат од бездната која сами сме си ја направиле.