Ахмети одби да одговори за средбите меѓу Мицкоски и Заев

Интервјуто на Али Ахмети стана актуелно откако ВМРО-ДПМНЕ се повика на неговата изјава дека Мицкоски не барал измени за Кривичниот Законик. Од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати повторија дека Ахмети потврдил дека Мицкоски не договорал амнестија.

Во истото интервју, Али Ахмети одби да одговори дали се точни зачестените информации дека Мицкоски и Заев остваруваат средби.

Прашан да ги коментира овие наводи дека контактите на експремиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, зад очите на јавноста продолжуваат и дека една од идеите за кои разговараат е влада (на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) без ДУИ – Ахмети кратко одговори: – Има работи што не можеме да ги споделиме со јавноста.

На прашањето од новинарот дали е уште жива идејата за влада на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Ахмети само одговори: „Ако не се лечеш, живееш.”

Во политичките кругови подолго време се говори дека Мицкоски е во комуникација со Зоран Заев за рушење на владата на Ковачевски. Дел од информациите се дека овие контакти се остваруваат преку Венко Филипче. Тука се поставуваат и сомнежите за отсуството на поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за протестите по скандалот со Клиниката за онкологија. Тогаш министер беше токму Филипче и тој се посочува како еден од најодговорните од кој на протестите се бара одговорност.