Сушата ја исцрпува почвата, политикантите го исушија земјоделецот

  • Пишува Круме Богевски – Координатор на Левица – Здравствен сектор

Покрај стравот што го носи сушата, лозарите ги следи лоша судбина и од оние кои одлучуваат за нивниот опстанок. Во време кога земјоделците се соочуваат со измачувачка борба против природните несреќи, цената на грозјето, сè уште, останува неоправдано ниска. Винарски визби, кои некогаш биле столб на стопанството во Тиквешијата, денес преку приватните несмасни газди го доведуваат лозарот во ситуација каде тој ја губи својата вредност. Му остануваат само желбата да се негуваат корените и аманетот да се оддржува традицијата!

Кога само со традиција би можеле да се хранат и нивните семејства, нели?

Газдите на откупните центри и винарските визби секогаш ќе нудат ниски цени, факт!

Корумпираните политичари никогаш нема законски да ја уредат цената на грозјето, факт!

Но постои уште еден феномен.

Политизацијата на здруженијата на лозарите, навистина болна мана во борбата за правата на земјоделецот! Наместо да се фокусираат на важноста на заштита на интересите на земјоделците и подобрување на нивната состојба, некои претседатели на овие здруженија се приклучуваат на вагонот на приватните стопанства и ја помагаат нивната агенда за намалување на цените на грозјето.

Тие кои ги глумат улогите на водачи во овие здруженија треба да бидат пример на борци за достоинство на лозарите. Го имам сведочено токму спротивното!

Претходната година, со другари, земјоделци, решив да ги поддржам лозарите во организација на еден протест. Кога толпата беше спремна за радикализација на протестите, за блокирање на важни патишта и за привлекување на вниманието на корумпираните политичари, еден од „лидерите“ на организациониот одбор ги смируваше. Им кажуваше како тој е „претседател на најмоќното здружение“ и дека радикални протести само би го влошиле односот кој лозарите го имаат со власта.

Замислете, при апсурдно ниски откупни цени, лидерот беше загрижен да не се налути власта на оние кои што се борат за своите права!

Политизацијата на здруженијата на лозарите ги дистанцира од основната цел на борбата – подобрување на условите за работа на земјоделците и конечно добивање на достоинствени цени. Со создавањето на врски со приватните стопанства и со цел на постигнување на сопствени интереси, претседателите на овие здруженија забораваат дека нивната улога треба да биде одбрана на правата и подигнување на гласот на оние кои стојат позади нив, произведувачите!

Револуционерниот дух на лозарите треба да биде насочен кон преземање на активна улога во обликувањето на политики и системи кои ги поддржуваат земјоделците. Откако претседателите на здруженијата ќе станат претставници на лични интереси, нивниот авторитет се руши и го намалува влијанието на борбата на земјоделците!

Во крајна линија, политизацијата на здруженијата на лозарите не само што ја зацрнува борбата за справедливост, туку и ги зацврстува корените на неправдата и нееднаквоста. Го губи револуционерниот импулс кој што го имаат земјоделците и се нарушува визијата за подобро и рамноправно општество!

Внимавајте кому верувате!