Антинационалистичкиот (?) национализам на прогресивците

Апелот за разбирање упатен до сограѓаните Албанци од страна на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, наиде на разни реакции. Меѓутоа, најлицемерни и најреакционерни се чинат сепак оние кои дојдоа од страна на т.н прогресивни Албанци, кои овој апел го дочекаа на нож.

Нефокусирајќи се на тоа од кој партиски центар се диктира црната кампања кон Левица, доколку се сумираат овие реакции, нивната забелешка, односно аргументите за одбивање на апелот, се сведуваат на тоа дека истиот бил дискриминаторски кон Албанците во смисла дека, ете и Бујар Османи, како и било кој друг Албанец, како граѓанин на Македонија има граѓанско право да бира и да биде избран и именуван на политичка фукција. И следствено на ова, апстрахирајќи се од реалноста, што би се рекло формално правно, до тука се’ е во ред. Арно ама, повикот/апелот на Апасиев е политички акт, своевидна политичка порака, а не некаков повик за практицирање или одбивање на некое граѓанско воспоставено право. Оттука, интригантно е како и на кој начин одредени ликови се истрчаа со осуда на апелот…    

Но, како и да е, пред да продолжиме кон процесот на враќање на колективната меморија – која намерно е изоставена во судовите на прогресивците, ќе забележиме дека: како што апелот на Апасиев може да се смета за наивен поради систематското и институционално билдање на етничката поделеност на земјава, таква е и реакцијата на либералите кон истиот. Со таа разлика што, доколку се водиме од граѓанско-прогресивното сфаќање на анти-национализмот, дека пожелно е секој да го критикува [условно] својот национализам, тогаш ваквата реакција од страна на прогресивниве сили во најмала рака е лицемерна. А пак, хронолошки пресликувајќи ја политиката водена до сега во име на Албанците, како и нејзините системските и политички последици, може да се открие зошто е тоа така.

Прво, очигледно е дека влијанието на овие поединци врз генералната политика на (условно) албанските партии во државава е никаков. Од каде да почнеме?! Насилните и терористичките акти на УЧК во земјава; или фактот дека албанските партии исклучително третираат само етнички политики/прашања, фактот дека сите тие се етнички партии и меѓусебната борба им е сведена на тоа кој е поголем националист?! Каде е тука албанската прогресивна граѓанска свест, каде се принципите за либералното граѓанство?

Понатаму, каков е уделот на оваа прогресивна клика во веењето на туѓо државно знаме на територијата на Македонија, и сите оние случаи на грубо кршење на Законот за употреба на знамињата, дури и од страна на функционери на државава. Последни примери за националистички- во принцип анти-граѓански- вакви акти беа посетата на претседателот на Албанија, Илир Мета во Дебар, каде на официјален настан со локални претставници во Дебарско го немало македонското знаме согласно македонските закони. Или пак најсвежиот пример со славењето по повод на Денот на албанското знаме каде градовите како Дебар, Кичево Тетово и Гостивар, беа преплавени со знамиња на туѓа држава и згора на тоа, никаде не беше истакнато македонското знаме како државно. Каква беше реакцијата или импактот на прогресивната албанска класа врз сето ова? 

Од друга страна пак, импактот кон ваквите анти-граѓански и анти-либерални националистички практики на албанските политичари, вклучително и сегашниот министер за надворешни Бујар Османи, е огромен. Еве на пример истиот тој Бујар Османи, како потпарол на ДУИ, отворено демонстрира анти-граѓанство и етнички примитивизам кога во една емисија на регионалната косовска телевизија Коха, истакна дека тие (мислејќи на ДУИ и Албанците) не ја признаваат македонската химна. Истото е демонстрирано и од страна на Зијадин Села како лидер на албанската опозиција. Имено, гордо и сосема граѓански непримерно изјавува дека тој никогаш не станува на македонската химна затоа што Албанците не гласале за неа.

Драги либерали Албанци, каде е тука граѓанската свесност на вашите политички претставници? Или пак сега ќе се дистанцирате од анти-граѓанските и крајно националистички акти на водечките албански политичари? Во ред, имате право на тоа, не одговарате за нив. Но сепак, зарем заборавате какви се системските околности кои албанскиот национализам го прават државна политика? Или пак доколку сакате ова да звучи политички коректно, прашањето може да го формулираме на следниов начин: какво е вашето граѓанско и либерално оправдување (или реакција) на етничките предетерминирани институции и државни политики, како што се следниве:

Територијална поделба, која е направена исклучително по етнички клуч, и истата, не само што територијалните единици ги прави нефункционални половини (а не целини) туку и дополнително ја продлабочува етничката поделба. Прашањето за вас е, колку ваквата територијална организација е граѓански и либерално оправдана?-

-Принципот на „позитивна дискриминација“, кој налага етнички квоти во било кое ниво на власта и институциите на државата, па дури и оние од областа на образованието, културата, спортот и науката, што е навистина граѓанска вредност, нема што. Само, за да се комплетира нашата „либерална“ реалност потребно е уште, како што најави Бујар Османи, да се наложи на приватните фирми, во своите работни позиции да направат квоти за „малцинствата“ што значи Албанците (да не се правиме наудрени, нели, да бидеме фер).

-Непишаното ексклузивно правило за албански (етнички) претставник во извршната власт. Нели кој има мнозинство тој прави влада, зошто сега треба да го прекршиме тој принцип на либералната демократија!?

-Новиот Закон за употреба на јазиците, кој не само што го надминува и самиот Рамковен договор како анти-граѓански елемент на Уставот, туку истиот е и директен производ на национализмот на ДУИ, кој само отвора дополнителен простор за идно неразбирање, недоверба и поделби. Згора на тоа, ваквото законско решение ама баш никако нема да биде од корист за Албанците како граѓани (напротив, ќе има само штета, затоа што спроведувањето на законот ќе чини многу пари од заедничкиот буџет). За крај, и покрај забелешките од сите страни, вклучително и од Венецијанската комисија, сепак овој закон, прилепувајќи му европско знаменце (?!), малку милом малку силом, сепак беше донесен. 

Се сеќавате ли дека албанските политички лидери Тачи и Ахмети во 2008 година се закануваа со „меѓуетнички конфликти“ инсистирајќи дека „спорот со името со Грција мора да се реши“ за да влеземе во НАТО. Не сметате ли дека ваквите закани придонесоа кон нелегалното усвојување на Преспанскиот договор, кој патем вие никако не го осудивте. Напротив бевте најдиректни и најагресивни учесници во пропагандата на владината кампања за негово нелегално усвојување и легитимирање против волјата на мнозинството Македонци.  Не гледате ли дека така  пропуштивте  можност да покажете солидарност со Македонците во ситуација кога беше нарушено нивното основно право на самоопределување и самоименување, право кое тие вам никогаш не ви го оспорувале. 

Сега, кога сме под напад на апсурдната бугарска агресија, која упорно се обидува да ја брише нашата историја и да ја исече нашата врска со нашите претци, Вие се чувствувате изненадени поради нашиот страв што не веруваме во оние кои преговараат во наше име. 

И на крај, зошто, како дел од мулти-култи принципите на задоволување на „потребите“ и исполнување на „културните“ „права“ на албанското милје во Македонија, се именуваат улици и градат споменици на ликови како фашистот Џемо Хасан, а не на пример на херои од анти-фашистичката борба како што е Љутви Руси, Демир Гаши или пак Кемал Аголи? 

Затоа, следниот пат кога ќе се чувствувате испровоцирани да осудувате,  размислете што сте направиле за да ја стекнете довербата на другата страна и од каде потекнува недовербата упатена примарно кон лидерите на албанските партии.