На денешен ден убен Илија Игески – Цветан од бугарскиот фашистички окупатор

Илија Игески – Цветан е роден во јули 1920 година во село Топлица. Во 1923 година неговите се преселуваат во Прилеп. Основното училиште го завршил во Прилеп, а потоа ги изучувал опинчарскиот и фурнаџискиот занает. Во 1939 година станал член на СКОЈ, а наредната година и член на Комунистичката партија.

Пред војната учествувал во повеќе штрајкови и демонстрации против српскиот режим, а учествувал и на познатите Илинденски демонстации во 1940 година. Од неговите соборци, поради својата храброст, бил нарекуван „Чапаев“, по името на големиот руски борец Василиј Иванович-Чапаев, легендарниот полководец и командир во Црвената Армија.

Тој е еден од првите седум прилепски партизани од 12 септември 1941 година. Покрај него во групата на месноста Бидимаш на Селечка биле, Трајко Бошкоски-Тарцан-Илинденски, Борка Велески-Левата-Горанов, Лазо Филипоски-Лавски, Јоска Јорданоски-Сандански, Ѓоре Велкоски-Стрелката-Косте и Киро Крстески-Платник-Кирката.

Илија е борец во Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. Во вооруженото востание бил во групата за напад на полициската станица. После, заедно со Ѓоре Велкоски, илегално дејствувале во Преспа. На новата лажна лична карта му пишувало дека е Петре Николов Јанков од Струга.

Подоцна бил член на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Во 1943 година станал курир на ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПОМ. Бил поставен за командир на чета, а потоа заменик командант и командант на баталјонот „Мирче Ацев“.

Првата борба под негова команда ја водел во селото Чемерско – Тиквешко. Учествувал во повеќе борби: Царевиќ, Смилево, Извор, Кленовец, Ботун, Фуштани, Тушин, Граешница, Витолиште, Локвица и многу други.

На 2 август 1944 година бил поставен за заменик командант на Методија Попоски-Мајка, на новоформираната Петта македонска ударна бригада, позната како Прилепска. Илија Игески-Цветан загинал на 28 август 1944 година, во борба со бугарската окупаторска војска во село Здуње, Македонски Брод. Покрај него, животот го загубиле Александар Тоде Ношпалоски-Цандар, русинот Васја, Илија Рампов Василески-Тиндилот, Љубе Стерјоски, Љупчо Киров Марулец и Тоде Јовчески .

За Народен херој е прогласен на 2 август 1952 година.