Откриени нови гробни форми со новите истражувања на хеленистичката некропола „Гимбабица“ кај селото Избишта во Преспа
Оваа година се реализираше петтата археолошка истражувачка сезона на хеленистичката некропола „Гимбабица“ кај селото Избишта во Преспа. Некрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта. Всушност со пробивањето на модерниот пат во далечната 1953 година случајно се откриени првите наоди од некрополата.
По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е.
По точно 65 години приказната за оваа некропола повторно беше актуелизирана. Тимот археолози предводен од м-р Перо Арџанлиев, во 2018 година успеа точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата. Оваа година фокусот на истражувањата беше насочен да се добијат повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и нејзината распространетост. Она што е интересно и што произлезе од овогодишните истражувања е откритието на нови гробни форми како и добивање на значајни информации за зголемената концентрација на гробови и податокот дека некрополата се шири и во правец кон североисток.
Според откриениот движен археолошки материјал овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата: втора половина на 4 век пр.н.е. и прва половина на 3 век пр.н.е –велат од Археолошки Музеј на Македонија.
Периодот од 3 кон 4 век пр.н.е бил исполнет со промени во начинот на живот во Охридско-Преспанскиот регион, културните текови и општествено уредување, а тој период на промени бил јасно изразен и во двете различни погребни форми засега откриени на Гимбабица
Оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи кои живееле пред повеќе од 2.300 години. На војничката култура меѓу жителите на заедниците кои се погребувале кај Гимбабица укажуваат откриените копја и ножеви, откриените бронзени садови за вино, бронзен накит, ѓердан од стаклени перли и сл. даваат информации за нивниот вкус, откриениот стригил (метална алатка за стругање нечистотии од кожата) и железната алатка се претпоставува дека се користеле за некаква рударска или металообработувачка дејност. Рудните резерви на регионот веројатно биле и основата за богатството на заедницата која ја формирала далеку попознатата Требенишка некропола.
Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија, затоа што засега е единствената некропола во Преспанскиот Регион од овој период што се истражува систематски
Со истражувањата раководеше м-р Перо Арџанлиев, а членови на стручниот тим беа Илија Бошковски и Благоја Фузевски.