Кој е капетанот Ибрахим Траоре – новиот Санкара

Томас Санкара ќе рече: Може да се убие човек, но не и идеја.

Претседателот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, одејќи по стапките на неговиот претходник и идеолошки водач Санкара, покажа дека е можна поинаква, горда и исправена Африка, наместо гладна, сиромашна, потчинета и понижена.  

Зошто денес Траоре го нарекуваат „новиот Санкара“? 

Томас Санкара беше марксист и како Траоре, жесток приврзаник на пан-африканизмот. Санкара ја водеше Буркина Фасо преку реформи кои ги разбиваа остатоците од колонијалниот систем до неговото убиство во 1987 година. Постојат основани сомневања дека француските разузнавачки служби биле вмешани во ова.

Двајцата се млади офицери, кои дојдоа на власт со државен удар, на 34-годишна возраст. И двајцата радикално ја сменија својата земја Буркина Фасо.

Како претседател, Санкара иницираше длабоки социјални, економски и еколошки реформи.

Санкара одби да соработува со Меѓународниот монетарен фонд, обидувајќи се да го зголеми приходот на земјата преку растот на производството, слично на движењето на Патрис Лумумба во Конго, во доцните 1960-ти. Антиимперијалистичката и антиколонијалната политика на Санкара широко одекна не само во Сахел туку и низ цела Африка.

Политиките на Санкара вклучуваа искоренување на гладот, аграрна самодоволност, земјишни реформи и ослободување од руралните даноци. Тој водеше кампања за описменување, воведе бесплатни програми за вакцинација, изгради училишта и здравствени домови. Тој ги забрани присилните бракови и полигамијата.

Инспириран од примерот на Куба, Санкара ги основа Комитетите за одбрана на револуцијата и Народните револуционерни трибунали, кои судеа владини претставници обвинети за политички криминал и корупција.

Кој е капетанот Ибрахим Траоре

Траоре, во средно училиште, бил оценет како „тивок“ и „многу талентиран“ ученик. Бил член на Здружението на студенти муслимани. Во армијата на Буркина Фасо се приклучи во 2009 година и оттогаш започнува неговиот напредок.

Во армијата се издигна благодарение на храброста што ја покажа во борбата со џихадистите, како на пример во операцијата во Мали. Тој доби чин поручник во 2014 година и чин капетан во 2020 година.

Во 2022 година, тој беше дел од група офицери кои извршија државен удар во земјата, доведувајќи го на власт Патриотското движење за заштита и обнова.

Веднаш по државниот удар, Траоре се стави на чело на ова движење. Во октомври 2022 година, тој ја презеде функцијата привремен претседател, како „шеф на државата и врховен командант на вооружените сили на Буркина Фасо“, ветувајќи дека ќе одржи демократски избори во јули 2024 година. Со само 34 години, капетанот Ибрахим Траоре стана најмладиот претседател на светот.

Траоре не се бореше само со џихадистите. Во февруари 2023 година, владата на Буркина Фасо ги протера француските сили, со што стави крај на децениската неоколонијална зависност. „Ние навистина сакаме да видиме други хоризонти“, рече тогаш претседателот Траоре, „бидејќи сакаме партнерства каде што сите победуваат“.

Неговите противници, главно на Запад, го обвинија дека не ја почитува „демократијата“ и „демократските процедури“. Како што забележа некој, демократијата е чуден збор, на кој секој му дава различно значење – она ​​што му одговара. 

На самитот Русија-Африка годинава, Траоре отворено рече дека народот на неговата земја ја поддржува Русија

Државниот удар во Буркина Фасо, е само еден во долгата серија во Африка: во текот на последните три години, армијата ја презеде власта во Мали, Чад, Судан, Буркина Фасо, додека државниот удар во Гвинеја- Бисау (досега) не успеа. Хронолошки последен е оној во Нигер. Очигледно е дека нестабилноста и хроничната сиромаштија се горчливото наследство на францускиот, а потоа и на американскиот неоколонијализам.

Субсахарскиот регион, Сахел, е еден од најбогатите со минерални ресурси и, во исто време, еден од најсиромашните региони во Африка, континент кој речиси целосно беше плен на колонијалните сили, од кои полека и макотрпно се ослободува.

И денес Франција и САД се многу моќни во овој регион, каде што имаат многу воени бази и мрежи на „деловни“ интереси. Директна последица на колонијализмот и сиромаштијата е исламистичкиот тероризам, уште еден проблем со кој Сахел е принуден да се справи.