Обуката на идните украински пилоти на Ф-16 е попречена од јазична бариера

Напорите на Западот да ги обучат украинските пилоти да летаат со напредни авиони Ф-16 се попречени поради слабото познавање на англискиот јазик на припадниците на војската, објави Политико, цитирајќи извори.

Само осум од 32 пилоти имале доволно познавање на англиски јазик за да учествуваат во наставната програма, објави медиумот.

Според официјален претставник на САД, почетната група од осум украински пилоти кои знаат англиски се подготвени да започнат со обука штом ќе биде изготвен формален план за инструкции од неколку европски земји и одобрен од страна на САД.

Останатите пилоти со основен англиски, ќе започнат интензивни јазични курсеви овој месец.

Според украинскиот претседател Владимир Зеленски, обуката треба да започне овој месец, додека украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба минатиот месец изјави дека очекува првите борбени авиони да пристигнат во земјата на почетокот на 2024 година.

Според високи војни претставници на САД, обуката за ваков тип авиони трае со години, така да испораката на почетокот на 2024 е под голем знак прашање.

Руските власти постојано го предупредуваа Западот дека испораката на Ф-16 на Украина ќе доведе до ескалација на конфликтот, при што министерот за надворешни работи Сергеј Лавров сугерираше дека авионите произведени во САД потенцијално би можеле да носат нуклеарно оружје.