Трајковски: Кои ќе бидат последиците ако ЕСМ ја даде ТЕ Битола 1 на економски оператор

  • Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски 

Изминатите денови од ЕСМ објавија дека ТЕ Битола 1“ ќе биде дадена на економски оператор. Тоа не значело дека ќе биде продадена или изнајмена, туку само „оперирана“, односно работена од економски оператор. Нешто слично како што Македонија пат ангажира приватни фирми за чистење снег, наместо самата да чисти. За ангажираните приватни фирми за транспорт на јаглен, додека државните камиони стојат паркирани, читаме секој ден. Школски пример за недомаќинско работење.

Што е тоа економски оператор? Според Законот за јавни набавки „економски оператор“ е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи.

Со други зборови, економскиот оператор не би требало да се однесува како газда, односно претприемач, туку би требало да изврши одредена услуга или работа за која што бил ангажиран и платен. Во случајот на ТЕ Битола 1, за каква услуга би можело да стане збор? Тоа би можело да биде ремонтирање или модернизација на блокот, но и тековно работење со блокот. За двете работи моментално во РЕК Битола има доволно, па и повеќе од доволно работници.

Тоа значи дека Владата нив ги смета за неспособни или неработници, па ќе ангажира надворешна компанија да ја работи нивната работа. Дали при тоа ќе ги задржи вработените или ќе ги избрка, засега не знаеме. Не е добро ни едното, ни другото.

Како во пракса би изгледало влегувањето на економскиот оператор во РЕК Битола? Според сценариото со задржување на постојните вработени, тие би биле испратени дома (иако би примале плата) или би доаѓале на работа, но само би гледале како новиот економски оператор ја работи нивната работа. На тој начин ЕСМ би имал двојни трошоци, како за старите работници, така и за економскиот оператор. Како мислат да ја зголемат ефикасноста, добивката и рентабилноста на ТЕ Битола 1, ако ги дуплираат трошоците, а работата и приходте останат исти?

Според второто сценарио, после влегувањето на новиот економскиот оператор, постоечките вработени, како неспособни и одвишни би добиле отказ и би биле испратени на биро за вработување. Но, од друга страна на економскиот оператор би му требале работници, а како најсоодветни би ги одбрал најдобрите од избрканите. Дали, според ова сценарио, ЕСМ сака да се ослободи од вишокот на вработени, мислејќи дека на тој начин ќе предизвика помал гнев кај досегашните вработени? Дали ова отвора простор за корупција, преку враќање на дел од парите од економскиот оператор на тој што ги ангажирал? Ова е видено многу пати досега кога јавно претпријатие соработува со приватни претпријатија.

Во двете сценарија, економскиот оператор ќе наплати за своите услуги и тоа не само за работниците, туку многу повеќе за својата менаџерска улога. На крајот може да се случи услугите од економскиот оператор да бидат поскапи од платите на превработените партиски вработени.

Мораме да го поставиме прашањето зошто сакаат да ангажираат економски оператор, кога многу поедноставно и поевтино би им било да ангажираат еден искусен професионален менаџер на термоелектрани, макар поскапо платен и пронајден преку рикрутори, отколку да ги заменуваат сите луѓе.

Патем, треба да се истакне дека одржувањето на РЕК Битола не е воопшто лошо. Од германската компанија, чии багери во рудникот на РЕК Битола се користат за ископување јаглен повеќе од 40 години, биле изненадени како е воопшто можно тие багери сé уште да се во експлоатација. Тоа значи дека и покрај големиот број на партиски вработени имало вредни луѓе, професионалци и ентузијасти кои се грижеле за машините.

Затоа, наместо ангажирање на надворешен оператор, многу подобро и поевтино би било да им се дадат одврзани раце на тие способни професионалци, вклучувајќи ги и пензионираните вработени.

Ангажирањето на надворешни оператори, освен можности за корупција не може да донесе нова вредност на јавните претпријатија.