(Видео) Крмов: Нашите политички елити немаат капацитет, џабе ни е ЕУ кога со нив злоупотребите ќе продолжат
- Дел од гостувањето на пратеникот од Левица Борислав Крмов на ТВ 24:
„Ние немаме алтернатива за Македонија, а не за ЕУ. Нема друга држава во ЕУ којашто влегла или која почнала пристапни преговори, а која одлучила да прави вакви компромиси какви што правиме ние од ’91.
Можеме да земеме за пример 4 држави од ЕУ и да ги споредиме: од една страна Романија и Бугарија, од друга, Холандија и Франција. Помеѓу нив има фрапантни разлики, тие разлики не зависат од ЕУ. По логиката која ја кажува власта, Бугарија и Романија требаше да бидат еднакви по економија, владеење на правото и по сите други демократски параметри со Франција и Холандија, а тоа апсолутно не е така.
Земете ги ИПАРД фондовите, излезе анализа според која се покажа дека се случуваат злоупотреби на истите тука. Што значи дека ние ќе добиеме пари, а злоупотребите ќе продолжат. Нашата политичка елита покажа од ’91 до сега дека немаме никаков капацитет, џабе ни е ЕУ.
И тоа е еден губитнички менталитет, вие да сакате друг да ви ја среди работата, друг да ви го среди дворот. Тоа е она што го говориме ние – тие се елита отцепена од народот, одродена елита. Тие типуваат да бидат странски наместници тука, спроведувачи на странски директиви, барања, додека за нив останува богатење на лична сметка.
Левица се роди поради таа банкротирана политика од 30 години, од потребата да се создаде нова политика која ќе сака ова парче земја сама да го раководи.“