Кираџиева во пораката за Денот на Републиката: Нема ценкање за Македонија – не на моја стража!

  • Весна Кираџиева, членка на Централниот комитет на Левица, по повод 2 август, Денот на Републиката:

„Хипотетичка ситуација, 120 години отсега. Годината е 2143 и некој за мене тврди дека сум Бугарка, по истиов овој терк како денес за Гоцета. Моето потекло по баба и дедо од таткова страна, е од Егејска (Беломорска) Македонија. Што ако за мене, за 120 години од денес, некој уверува некого дека јас сум била Бугарка, без оглед колку пати и да сум кажала во мојот животен век дека сум Македонка од Македонија и дека се борам за оваа земја и нејзината историја и за нејзината иднина. Истото го кажувале и Делчев, Карев, Сандански… И сепак, без оглед колку пати и да имаат кажано и напишано во своите писма и дописки за кого се борат, еве, денес некои се дрзнуваат да преговараат за тоа, да се ценкаат!

Се замислив дека постои голема можност истото да ми се случи и мене, да ни се случи на сите нас. И уште пострашно, се замислив, што ако тогаш, во 2143 година, нема кој да ни го штити и брани името, што ако нема кој моето име и идентитет да го брани како што денес ние (колку сме – толку сме) се бориме за Делчев, Самоил, Александар Македонски, нивниот македонски идентитет и ова мало, напатено парче земја наречено Македонија? Што ако квислинзите го распродадат и ова малку што ни останало, што ако им се остварат шовинистичките соништа за Санстефанска Бугарија и Илирида на соседите?

Не на моја стража!

Во вакви чувствителни времиња, кога на секој можен начин, од сите страни се обидуваат да ја избришат македонската историја и да ја редефинираат, кога се обидуваат да нѐ направат сѐ помалку Македонци, важно е да ја продолжиме борбата, да не дозволиме заради нашето премолчување и апатија, полека да ни одземаат сѐ за што нашите предци, нашите народни херои се бореле и гинеле – денес, преку нашите квислиншки власти да им го сервираме на злонамерниците на тацна и без отпор.

Честит Илинден, Македонијо!

Вековит да ни е празникот!“