Изложбата „Минијатури ФЈ/П“ на Филип Јовески во Берлин
Колекцијата „Минијатури ФЈ/П“ на прилепскиот уметник Филип Јовески продолжува да патува низ Германија. Изложбата на дела е отворена во просториите на „Лоесје“ во Берлин, а љубителите на уметноста ќе можат да ја проследат до шести август. Потоа делата ќе останат во трајна сопственост на „Лоесје Берлин“ и ќе се користат како уметност во функција на неформално образование. Колекцијата на минијатури на почетокот на месецот беше изложена во домот на култура во „Остерхолц-Шармбек“ во Бремен, Германија.
Станува збор за низа експресивни минијатури дефинирани преку движењето на линијата и формата во дводимензионалниот простор. На број се 41 дело, изработени во комбинирана техника на акрил и сув пастел, со големина 20/14 см – вели авторот.
Филип Јовески годинава, покрај двете самостојни изложби во Германија, веќе има реализирано две самостојни изложби во Македонија (една во Кавадарци и една во Прилеп), а учествувал во повеќе групни изложби во Прилеп и Битола и на меѓународните ликовни колонии во Лесново и Прилеп.