Проширувањето на БРИКС главна тема на претстојниот самит во Јужна Африка

Прашањето за проширување на групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) е високо на агендата на претстојниот самит на организацијата, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Портпаролот додаде дека тоа е многу важна тема, бидејќи Москва гледа дека се повеќе земји изразуваат намера да се приклучат на оваа група.

Песков истакна дека таквиот интерес за БРИКС сведочи за „големиот потенцијал“ и „растечкиот авторитет“ на блокот. „И што е најважно – за практичното значење на оваа група“, заклучи портпаролот. Тој исто така прецизираше дека шефовите на држави на самитот ќе ги изнесат своите ставови за темата за проширување на организацијата. Самитот на БРИКС оваа година ќе се одржи во Јоханесбург од 22 до 24 август.

БРИКС е организација во која членуваат Бразил, Русија, Индија, НР Кина и Јужна Африка. Голем број други земји имаат намера да се приклучат на оваа организација која постојано ги раширува областите на соработка. Аргентина, Иран, Индонезија, Турција, Саудиска Арабија, Египет, Алжир се само дел од земјите кои искажаа зантересираност, а некои и формално поднесоа апликации за зачленување во организацијата.

Венецуела и Боливија се последните земји кои официјално аплицираа за влез во блокот пред самитот во Јужна Африка која го презеде претседателството со БРИКС од НР Кина на почетокот на оваа година и кое ќе трае до крајот на 2023 година.