Крмов: Власта бара конструктивност, а нашите закони и декларации завршуваат во фиока

Во денешното гостување во емисијата „Утрински брифинг”, пратеникот на Левица Борислав Крмов изјави дека Собранието не е функционално поради неконструктивноста на власта, која одбива да го прифати секој предлог кој доаѓа од опозицијата.

„Кај нас е дерогиран демократскиот процес и затоа бевме против носењето на онлајн-деловник. Не сме ние Шведска или Норвешка за да се споредуваме со нив. Ние имаме пратеници, сите знаеме кои се, кои што 20 години не доаѓаат на работа. Со тоа онлајн-собрание, ние сметавме дека демократскиот процес ќе биде толку дерогиран, каде имаше дел дека од другата страна пратеникот не ни мора да биде вклучен на камера, така да ние нема да знаеме кој е вклучен, пратениците немаше да доаѓаат на работа и само ќе стискаше копче за За или Против.

Нашите закони и декларациии завршуваат во фиока. Еве земете ја Декларацијата на Левица поднесена против национал-шовинистичките претензии на Бугарија, поднесена е во октомври. По Деловник, таа Декларација треба да се третира како закон пуштен во скратена постапка, што значи за некаде 15 до 20 дена требаше да се најде на седница. Да го земеме и Законот за ограничување на цените во приватните болници во време на пандемија. Ние го поднесовме пред Владата, што значи нашиот закон во најдобар случај ги има поминато собраниските процедури заедно со владиниот закон. И сега, по редоследн на нештата, прво нашиот закон мораше да се најде на дневен ред.

По правило, треба хронолошки сите предлог-закони и декларации и сите други акти хронолошки да се наоѓаат на седница. Јас сум фактични оневозможен најбитната моја работа, законодавна, да ја вршам.”