Апасиев: СДС прави лузерски процес – Бугарија ве кубе пердув по пердув

Лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев, укажа дека тој и пратеникот Борислав Крмов нема да учествуваат во материјална расправа за измена на Уставот. Посочи дека ова е „лузерски процес“. На власта и порача дека е искубана кокошка. Според него, оваа генерација нема да дочека Македонија да ја види во ЕУ. За сето ова што се прави со измените на Уставот, ќе има и правни последици. Порача дека во Македонија има Бугари колку да ги собере на концерт на групата „Рибја чорба“. Апасиев беше дециден: „Уставни измени, никогаш нема да има“.

„Ова ќе биде единствено излагање по предлогот, бидејќи материјална расправа е безвредна. Вие премиере направивте сметка без крчмар, влеговте во процесот вртоглаво без да обезбедите двотретинско мнозинство. Се што денеска ние зборуваме е обична козметика знаејќи дека влегуваме во лузерски процес. Вие навикнавте, па сакате и нас, македонскиот народ да не научите на порази. Изгубивте 17:2 во овој процес. Независни германски експерти велат дека ова е чудо за бугарската дипломатија. Или што велат антимакедонските кругови во Софија, ова е смрт на македонизмот. Применуваат врз вас салама тактика. Ве сецкаат на парчиња. Или Италијаните имаат една изрека: ‘Кокошка се кубе пердув по пердув’. Дипломатски кажано, жаргонски, вие сте искубана кокошка во споредба со византиската грчка дипломатија или бугарската дипломатија“, рече Апасиев.

Тој им посочи дека немаат гаранции дека во процесот нема да има нови вета.

„Историјата влезе како дел од преговарачката рамка. Наместо да преговараме за копенхашки критериуми, ние ќе преговараме каков бил Цар Самоил, каков бил Гоце Делчев, какво било Илинденското востание. И што е најтрагично, не обезбедивте државнички гаранции дека ќе нема нови вета. И тоа не само од Бугарија која има 35 пати да ни стави вето. Ќе ни стават и други земји. Вие сте недоветни да водите дипломатија и тоа треба да си го прифатите. Или ќе ни стават други земји, ќе ни стави Холандија која латентно е исламофобично и цело време за Западен Балкан става вета. Немате такви гаранции“, додаде Апасиев.

На пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им порача да не се лутат кога ќе им се рече СДС бидејќи според него, м“-то е забрането со Преспанскиот договор.

„Вие немате право да се нарекувате Социјалдемократски сојуз на Македонија. „М“-то станува СДС-Михајловистичка. Вие сте предводници на неоврховизмот заедно со бализмот во Владата. Вие не вративте век и пол назад, кога брат со брат се убивал, единот се пишувал Србин, другиот Бугарин, третиот не знам што. Бугарски тајни служби ве работат, вие занемувате пред нив“, додаде Апасиев.