Запаленото „ауди“ на Груби се поврзува со фирма за осветлување која купила хотел на Шапка

Според информациите на „Фокус“  како сопственик на возилото кое го користел Артан Груби е заведен содружник на „Еуро Ком Лигхтинг“, човек-фирма што неколку години работи со загуба, за која „Фокус“ пишуваше кога го купи хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, непосредно пред градежниот гигант да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце.

Кој е сопственикот на опожареното „ауди“ што се поврзува со првиот вицепремиер Артан Груби – е прашањето што се наметна откако повеќе медиуми објавија дека било запалено возило на Груби, што го потврдија и неговите сопартијци, но подоцна Министерството за внатрешни работи информираше дека посоченото возило е во сопственост на друго лице.

Во СВР Скопје било пријавено дека околу 03.30 часот на ул.„Струмичка” настанал пожар во патничко возило „ауди” со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л.(35) од Скопје. Пожарот бил изгаснат, повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје“, информираа од МВР.

Според информациите на „Фокус“, станува збор за лицето Беким Лимани, кој го паркирал возилото и бил заведен според возачка дозвола, додека возилото е во сопственост на правен субјект. Станува збор за еден од сопствениците на компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, за која пишуваше „Фокус“ кога го купи хотелот на Попова Шапка од компанијата „Гранит“.

По веста за опожареното возило во скопската населба Чаир, со објава на Фејсбук се јави првиот вицепремиер Груби, во која не демантира дека тој приватно го користел „аудито”, иако се води на име на друго лице. Во постот Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него.

Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”, пишува Груби.

Инаку, Фокус претходно имаше пишувано дека компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, фирма за осветлување со еден вработен, која неколку години наназад работи со загуба, го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, непосредно пред градежниот гигант да го склучи вториот договор со ЈП за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на автопатската траса до Блаце од 2 километри.

Додека полицијата трага по лицата што го запалиле возилото, Обвинителството ќе испитува во чија сопственост е истото, односно дали јавен функционер уредно управувал возило на, како што вели – пријател, или пак се работи за скриен имот на функционер, кој, доколку е така, тоа морал да го пријави во анкетниот лист до Антикорупциската комисија.

Имено, Јавен обвинител веднаш по опожарувањето на возилото дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, при што издадена е и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.