Уставниот суд се претвора во етнички суд поради „Рамковниот договор“

Уставниот суд не донесе одлука за Законот за матична евиденција. Предметот во кој треба да биде оценета уставноста на одредбите во кои е предвидено етничката припадност да се запише во матичната книга на родените, венчаните и умрените останува отворен. Експертите и универзитетски професори сметаат дека ова е предмет кој може да го реши и студент од прва година, но судиите од Уставен по „рамковна квота“ не мислат баш така.

Оценката за уставноста на Законот ги подели уставните судии. Судијата Дарко Костадиновски кој е известител за случајот вели дека не може да зборуваме за права ако нема слобода. Претседателката Добрила Кацарска е децидна дека никој не може да биде принуден да ја каже својата националност.

,,Овде зборуваме за слобода, секој да може да каже дали сака или не сака да ја каже националноста. На умреницата на мој родител на пример, како јас ќе кажам што тој бил по националност кога тоа е лично чувство. Значи ли тоа дека само заради мал број граѓани кои што го злоупотребуваат ова, треба цел народ да стане заложник и да се изјаснува за националноста?“- изјави Добрила Кацарска, претседател на Уставен суд. 

За судиите Осман Кадриу и Фатмир Скендер пак законот треба да овозможи право на граѓанинот да се изјасни за националната припадност, а законодавецот постапувал правилно.

„Според моето мислење законодавецот постапува согласно тоа што му го налага Уставот, а Уставот налага дека законот треба да овозможи право на граѓанинот да се изјасни за националната припадност. Ако се суспендира правото на изразување кое што е уредено со Законот за матична евиденција тогаш тоа право од Уставот не се гарантира и ќе остане само празно начело“, кажа Осман Кадриу, уставен судија.

За овој предмет Судот побарал мислење и од Венецијанската комисија, од каде добиле одговор дека многу правни поредоци го имаат напуштено ова и националната припадност и онаму каде што ја има не е задолжителна.

Упатството на министерот Лога кое се базираше токму на овој закон, веќе доби времена мерка со која се стопира издавањето на изводи со графа националност.  Министерот Лога пак не се откажува од идејата графата националност да ја има во изводите.