Бугарскиот фашистички суд на смрт со бесење осудил девет партизани – На денешен ден 1942 година

Ѓорѓи Наумов e роден во Битола на 18 јануари 1916 г. Тој е брат на народниот херој Стеван Наумов-Стив. Потекнуваа од средно имотно земјоделско и печалбарско семејство. Детството го минувал во Битола и с. Логоварди, каде неговите имале чифлиг. Како млад започнал да го учи механичарскиот и шоферскиот занает. Се вработил како шофер заедно со постариот брат Сотир. Набрзо се вклучил во напредното работничкото движење во Битола. Во 1939 година станал член на СКОЈ, а во 1941 при нападот на германската фашистичка војска, бил мобилизиран како војник на Кралевина Југославија, заробен и одведен во Германија.

Таму како заробеник бил доделен да работи на селското стопанство на германски фармер. Добро ја познавал земјоделската и механичарската работа и не му било тешко да работи. Преку битолчани кои биле пратеници во југословенскиот парламент и тоа Стале Попов, познатиот писател и Леонида Тодоровски, домашните успеале да издејствуваат негово ослободување и враќање во Битола. Заедно со својот брат Стив Наумов мошне рано се пројавил како организатор на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битола. Во 1941 година станал член на КПЈ.

Уште есента 1941 битолското раководство имало намера да исфрли партизански одред. Тој, бил еден од активистите кои што најмногу биле ангажирани на таквата задача. Често со другарите одел на Пелистер со цел да се одбере локација за исфрлање на одред. На 12 април 1942 год. заедно со Таки Даскало пристигнале во Лавчанската корија каде бил организиран партизански логор. Откако пристигнаа сите борци, на 22 април 1942 г. бил формиран Првиот битолски партизански одред „Пелистер“. Ѓорѓи Наумов бил назначен за командант на одредот. На жалост одредот бил веќе провален, бугарската полиција знаела за него, го блокирала с.Лавци и испратила патроли накај коријата.

На 1-ви мај Ѓорѓи Наумов, со уште двајца другари Георгиевски Никола-Никлецо и Трајковски Стево-Тефико при обид за воспоставување на врска со јатак од Битола биле откриени и заробени од бугарската полиција. При натамошните испитувања во бугарскиот истражен затворот во Битола, Ѓорѓи Наумов бил подложен на страшна физичка тортура, која храбро ја издржал.

Скопскиот воен суд со пресуда бр. 228 од 21 јули 1942 г., на смрт со бесење осудил девет комунисти и партизански борци, од кои неколку во отсуство. Осуден на смрт со бесење бил и Ѓорѓи Наумов. Неговите двајца другари Тефико и Никлецо биле осудени на временски казни затвор. Пресудата била извршена во скопскиот затвор истиот ден.

По тој повод денес цвеќе положија членови на фамилијата, а во името на ОО на СБМ-Битола, цвеќе положи членот на претседателство, другарот Јонче Лајмановски.