Банките и политичката моќ
- Пишува Моника Маневска
Кога зборуваме за настаните во денешно време, како несвесно да ја сменивме и реториката во нивното објаснување со изразите: “Пред ковидот и После ковидот”. Како ковидот да остави една линија на прекршување не само во меѓучовечките односи, туку прекршување и во самото функционирање на општеството.
Така, да сега, во периодот после ковидот, се обидуваме да анализираме една нова појава која е се поприсутна насекаде. А тоа е се поизразената улога на банките како прикриено средство на политичко казнување и уценување на поединци. Познатите политички аналитичари Александар Кристофоу и Александар Меркоурис, го проследуваа случајот на познатиот британски политичар Најџел Фараж, кој е воедно и најактивен меѓу водечките критичари на современата денешна политика.
Имено, тој објавил дека банката Coutts & Co, со која бил веќе 40 години му ги затворила сите сметки. И за тоа не му доставиле никакво објаснување. Човекот, се обидел да отвори сметка и во други седум банки, и бил одбиен? Што значи дека информацијата за него циркулирала низ целиот банкарски систем. И сега самиот Фараж изјавил дека највероватно ќе мора да ја напушти земјата, затоа што не може да живее и функционира во земја без лични банкарски сметки.
Познатиот новинар и аналитичар Синиша Љепојевиќ понатаму анализирајќи го истиот овој случај, вели дека Фараж никогаш не добил некое вистинско објаснување за овој преседан, кој го гледа сево ова како многу сериозна политичка пресуда на највисокото ниво на политичкиот систем.
И по објавата на Фараж, се јавија и други поистакнати личности кои доживеаја слична судбина и се покажа дека тоа стана редовна практика на банките, а јавноста не знаеше за тоа.
Се верува дека сметките се затворени и за илјадници други луѓе, кои тоа не го пријавуваат, па не стигнало до јавноста. Застапниците за напуштање на Европската унија, Брегзит и критичарите на ЛГБТ популацијата и таа политика се најмногу на удар. Сметката во „Метро банка“ја затвори и поранешниот пратеник на партијата Брегзит, Хенрик Овергард Нилсен, а неколку членови на таа поранешна партија пријавиле дека сметките им се затворени.
Сепак, многумина не ја поднесуваат таа „банкарска политичка диктатура“, па иницијативата позната како Група на христијански свештеници ја тужеше „Барклис банка“, која им ги затвори сметките, на барање на ЛГБТ активистите. Банката го избегна судењето и ѝ исплати на групата 20.000 фунти компензација.
Послушноста на државните органи кон ЛГБТ популацијата е забележлива и во другите британски институции. Метрополитенската полиција на Лондон носи црно-бело британско знаме со тенка сина линија на ракавот како симбол на почит кон сите загинати полицајци. Но, одлуката е донесена да се отстрани тој симбол бидејќи може да ја навреди ЛГБТ популацијата.
Исто така, финансиската поддршка на компаниите е условена од бројот на нивни вработени од ЛГБТ популацијата и етничките малцинства. Без, според проценката на банката, доволен број такви, нема финансиска поддршка за тие компании?
Сево ова, според Љепојевиќ, се секако политички одлуки, и тоа не може да се случи без знаење и одобрение на британската влада. И не само во Британија, речиси е заборавено како во Канада беа блокирани приватните банкарски сметки на возачи на камиони кои со денови протестираа поради неразумните мерки за затворање на земјата за време на корона вирусот. Протестите потоа престанаа бидејќи нивните семејства немаа од што да живеат. Владите, всушност, ги префрлаат валкани работи на други, во овој случај банките, но со текот на времето, служејќи им на владите, банките постепено стануваат влада. Тоа е опасен процес бидејќи се повеќе се заговара воведување електронски пари, ќе нема готовина, а потоа и банките можат да блокираат приватни пари и да станат господари на животот на луѓето.
Веќе некое време, во западните и повеќето прозападни земји, моќта и нејзините суверени овластувања преминуваат од парламентите и „народните претставници“ избрани на избори на оние што никој никогаш не ги избрал и за кои никој во јавноста не знае. Експертите го нарекуваат ова „постдемократија“, но во реалноста тоа е диктатура на оние кои немаат одговорност.
И сега, моќта ја преземаат главно институции кои луѓето не можат да ги избегнат во секојдневниот живот, пред се банките. Банките стануваат влада. Има многу жртви на оваа нова банкарска „постдемократија“, но тоа не беше познато на пошироката јавност, се додека во Велика Британија деновиве сето тоа не излезе на виделина.
А ШТО Е СО МОЌТА НА ИНВЕСТИЦИОНИТЕ ФОНДОВИ?
Но дали треба да се плашиме само од моќта на банките? Денес изгледа како две компании да го контролираат поголемиот дел од светот, а ние не знаеме ништо за нив. Блекрок и Вангард, најмоќните инвестициони фондови на светот. Имаат над 15 трилиони долари под нивниот менаџмент, што е околу 5 пати повеќе од БДП на една Франција, на пример.
Имаат акции во скоро сите најголеми компании во светот и тие се најголемите акционери во Гугл, Апл, Фејсбук, Амазон и Микрософт. Прераснаа во финансиски чудовишта. Поседуваат скоро се во фармацевскиот сектор, најголеми акционери се во компании за транспортот, (посебно авионскиот), банкарството, производство на храна, воено индустриски комплекси и медиумите. Интересна е поврзаноста на тие две компании, затоа што и двете, една на друга се најголемите акционери. Овие инвестициони фондови се присутни со своите проекти низ целиот свет.
Да почнеме од големите проекти како Украина?– Украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на декември минатата година одржа серија состаноци со менаџментот на „Блекрок“.Инвестициската компанија Блекрок, ја презеде контролата врз украинскиот фонд за обновување уште во ноември, планира да посредува во тој бизнис. Инвестицискиот гигант веќе ја презеде контролата врз голем број имоти на украинските гиганти како „Метинвест“, „Нафтогас“, „Укренерго“, кои беа продадени на аукции на американски компании. Тоа се подразбираше, нели?
До најмалите. Кога ќе ги погледнете извештаите на македонските приватни пензиски фондови, на дното на извештајот ќе ги прочитате Блекрок и Вангард.
И сега се отвораат нови прашања. Веќе не зборуваме за банките како средство на политичко казнување. Сега веќе се запрашуваме кој всушност ја има вистинската политичка моќ? Политичарите или корпорациите? Изгледа дека политичката моќ се маргинализира само како еден сегмент на вистинската моќ… на тие кои ги донесуваат одлуките… на тие кои го обликуваат светот според своите интереси. Каде судбината на државите со своите граници, влади, суверенитети и народи ја одредува некој друг, непознат, неизбран. Од тие корпорации се родија економски сојузи, како што е Европската Унија или Светскиот Економски Форум, Светската Здравствена Организација… Организации без никаква одговорност, но огромна моќ. Моќ да одлучува за војна и мир. За благосостојба и глад. Здравство и едукација. За промена на влади. Политичарите гледаат како во сонце во овие финансиски гиганти, со молбата: “Одбери ме мене. Јас верно ќе ви служам…”
И не можеме а да не го поставиме прашањето, како се здобиле со толкава моќ овие неизбрани од народ организации да одлучуваат за судбините на милијарди луѓе? Како владите и државите стигнале до таму да стануваат се позависни од овие организации како нивни финансиери? И како сега оддеднаш политичарите станаа нивното средство за политичко казнување на непослушните народни маси.
И сега… некако, повторно сме на самиот почеток. Кој всушност ја има, а кој треба да ја има вистинската политичка моќ?