АктуелноИнтернационално

ЕУ одобрила милијарда евра на компаниите за борба против синдикатите

Компаниите кои имаат историја на кршење на законите за работни односи и разбивање синдикати добија повеќе од милијарда евра неповратни средства од Европската комисија во последнава деценија, се наведува во извештајот на Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУЦ) која ја нагласува нужноста од поставување социјални услови за добивање јавни пари.

Меѓународната конфедерација на синдикатите на 30 јуни го објави овогодинешниот Глобален индекс на правата кој го мери нивото на работничките и човековите права, а во склоп на индексот е објавена листа со 15 компании кои ги кршеле законите за работни односи во 2023 година. На пописот се големи имиња како Амазон, Рајанер и ИКЕА, а кршењето на законите вклучува отпуштање работници за време на штрајк и одбивање колективни преговори.

Главната секретарка на Европската синдикална конфедерација (ЕТУЦ) Естер Линч изјави: „Корпорациите [наведени во индексот] ги прекршија најосновните работнички права и се вклучија во намерни и агресивни тактики за разбивање на синдикатите, како отпуштање и дисциплинирање на работничките претставници или поддржување на жолтите синдикати“. Гласноговорникот на Европската комисија за ЕУРАКТИВ рече дека компаниите во пријавата на средствата на Европската унија мораат да се обврзат дека ќе се придржуваат до важечките закони, вклучувајќи ги социјалните и работните конвенции, за да добијат средства од ЕУ. Комисијата во некои случаи може да побара објаснување од понудувачот во врска со усогласеноста со обврските во областите на еколошкото, социјалното и работничкото право, но по правило тоа не е предуслов за добивање средства.

Само Рајанер добил 962 милиони евра од 2014 година во рамки на програмата Connecting Europe Facility и преку програмата Horizon за истражувања за безбедност на пилоти. Во јуни 2022 година Рајанер одби да преговара со шпанските воздухопловни и кабински работници кои штрајкуваа и започна дисциплински мерки против штрајкувачите. ИКЕА е обвинета дека го отпуштила синдикалистот Дариуш Кавка, челникот на полскиот синдикат „Солидарношч“ без претходна најава, занемарувајќи ја законската заштита која полските закони ја гарантираат за синдикалните челници. ИКЕА доби речиси 30 милиони евра преку истражувачката програма Horizon 2020. Во извештајот за Глобалниот индекс на правата можат да се најдат уште низа примери на разбивање синдикати и кршење на законите за работа во ШпанијаХоландијаФранцијаБелгија и Полска во 2023.