Кацаров: Новиот ДУП не го решава проблемот со бетонизацијата на Лисиче

Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“. 

Сега, како некое компромисно решение, се готви нов, трет план за новиот ДУП за Лисиче, Урбан блок ЈИ 09.01, кој, дури и да го прифатат граѓаните, неизвесно е дали ќе „помине“ кај надлежните институции. Во следниот период се очекува комисијата во рамки на општината да ги разгледа сите поднесени анкетни листови и да се види како планот ќе се тера понатаму.

Жителите и натаму сметаат дека нивната населба, која се состои претежно од куќи, ќе се најде затворена со „ѕид“, доколку се изградат предвидените згради. 

Ние, жителите, јасно и гласно побаравме зачувување на постојната урбанистичка состојба во населбата. И поднесовме над 200 анкетни листови што претставува поголем број од првобитната анкета кога се поднесоа стотина анкетни листови. Ова е уште еден показател дека лисичани се против овој бетонизирачки предлог ДУП. Новиот предлог апсолутно не го решава проблемот, туку е обид за замачкување на очи и ја отвара пандорината кутија за нови згради и бетонизацијата на населбата – вели Тодор Кацаров, жител на населбата и активист, кој ги алармира жителите да реагираат против усвоување на ваквиот план за Лисиче за „Независен“.

Тој најави продолжување на борбата, институционално и вонинституционално и вели дека остануваат посветени на принципот дека во Лисиче нема место за згради.

По завршувањето на јавната анкета, комисија составена од претставник на општината, надворешен член и претставник на изработувачот на планот ги разгледуваат анкетните листови кои пристигнале за време на јавната анкета и заеднички одлучуваат дали поднесените барања ќе се прифатат. Откако оваа комисија ќе заврши со одлучувањето по анкетните листови, се изготвува извештај, врз основа на кој изработувачот на планот постапува и ги вградува во планското решение прифатените забелешки на граѓаните.