Тамара Јованов: Дали од примерот со ѓубрето, сфаќаме што се случува во државава?

  • Став на Тамара Јованов – Апасиева –  Професорката на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип

Дали од примерот со ѓубрето, сфаќаме што се случува во државава?! Некако ми се чини дека треба да си нацртаме:

1.Инфестација со паразити! Со децении веќе, сдс-дпмне-дуи полнат институции со партиски послушници, кои воглавно се таму за да ги гласаат, а не за да работат. Затоа се силни да уценуваат, да се закануваат, да бараат нивниот комфорт да трае.

2.Уништување на противници! Кога некој ќе им се спротивстави (како Данела), не бираат средства за да го уништат. Иако од нивните конфликти, штетата е целосно на граѓаните, ниту дпмне, ниту сдс не прекинаа да и’ го саботираат работењето, преку послушниците од точка 1.

3.Политички поени од кризи креирани од нив самите! Прво го креираат проблемот (точка 1 и 2), а потоа демек го решаваат пропратено со камери, рефлектори и театар.

4.”Решенија” како извор на нови проблеми. Ќе предложеле градоначалниците во Скопје укинување на комуналното претпријатие на скопје и формирање на поединечни такви во секоја општина. Ова, навидум изгледа како решение, ама види точка 1. Ова ќе биде извор на нов криминал за граѓаните – секој посебно ќе манипулира и краде, како знае и умее. Еве друг предлог – да ги укинеме “50те” градоначалнички места во Скопје и градот да биде управуван од еден градоначалник, како една општина. Од досегашниот модел, освен доминација на урбаната мафија, не видовме ништо арно, напротив! Па 10 пати поголеми градови, немаат волку крадоначалници, колку ние, а функционираат!

5.Голем дел од народот со кратка меморија и лични интереси. Огромна бројка од луѓето бираат краткорочен, личен интерес, пред општествениот. По аплаузот на театарот, се гледа дека голем дел само сака нивните да седнат во фотелјите, наместо било што да се смени реално!!!

Ова е најопасниот момент! Наместо да се бара расчистување на институциите од паразити, народ навива секој за своите. Клучниот проблем, се прави дека не го ни гледа.

Ретки се коментарите за поддршка за долгорочно решавање на клучниот проблем (окупирани институции), а бројни се критиките и од едните и од другите за наводниот проблем (несобраното ѓубре), кој всушност е само последица (со можност да се повторува до недоглед).

Чаре?

Да не го правиме истото ко досега, а да очекуваме различни резултати!

1.Да пуштиме нови луѓе во институциите, за да почнат да ги чистат паразитите инсталирани од троглавото чудовиште.

2.Преку избори, да им пуштиме колку што е можно повеќе противници на сегашниве домашни окупатори, за да не им биде толку лесно да ги онеспособуваат. Да им отвориме повеќе политички фронтови, за да не можат да си ги бранат рововите така укотвено ко сега. Герилска политичка “битка” му е мајката.

3.Наместо аплауз на теататски претстави, да ја гледаме позадината и одговорноста за проблемите на инволвираните. Така барем нема да навиваме за сопствените џелати.

4.Да бараме одржливи решенија од одговорните, а не предлози како поширока основа за крадење. Да не се задоволуваме со трошки, во услови на било која мала, привремена криза. Хистеријата е контрапродуктивна, оти ни го гаси неокортексот (разумот) и ни го активира лимбичкиот систем (емоциите). Без разум, тешко да бараме разумни решенија.

5.Е тука, вие си знаете, големи сте. Само едно можам да кажам – ако 50еур повиока плата на краток рок, еден тендер, еден проект, една услуга… ви е побитен од фактот дека младите/иднината (вклучително и од вашата фамилија) бегаат оттука, ко да ни фрла некој напалм бомби од небото, тогаш вие “другари” сте проблемот (точка 1).

Тогаш, ако соберат сили оние кои не се дел од таа мрачна спирала, треба да вложат напор и вас да ве расчистат.
Пс. Ако после смрдеата која се рашири деновиве, и буквално, уште има такви кои не се замараат со политика или бог да чува – неутрални, тоа најгласно говори за нив самите. Пиши Х – пропало, на аполитична особа. Од тие повеќе памет имаат и оние од точка 1.