Шах – мат иднина

  • Пишува Моника Маневска

Реалната слика

Причината за моето пишување, со цел да ја доловам реалната слика првенствено за Европската Унија, а потоа и за НАТО, БРИКС, и останатите случувања низ светот, не е само мојата разочараност од она што се случува низ светот, ниту од нашата влада, на пример, со срамната и подмолна одлука да се гласа против Резолуцијата за поддршка на борбата против нацизмот во ООН, и уште посрамното лажење на медиумите за истото. Ниту е пак предавничкото и криминално работење и делување на нашите политичари и сите околу нив сите овие децении наназад…

Туку е моето набљудување на опседнатоста на македонскиот народ со Европската Унија и мојата фрустрација со фанатичниот и некако зависнички однос на нашиот народ од истата. Добро де, се стремиме кон ЕУ, донекаде и да го наречеме природен процес, во Европа сме. 

Но, искрено, дали верувам дека тоа ќе се случи? Не. Ама, ајде да кажеме, и дека еден ден ќе успееме, и ќе не огрее сонце, како што сите се надеваме. Но, моето прашање е, зошто животот ни застана? Зошто не се свртиме и во меѓувреме не почнеме да го градиме нашиов живот? Како успеавме да заглавивме на оваа степеница? Одговорот е едноставен. 

Зад знаменвето на ЕУ сокриена некомпетентноста и предавството

На наша голема разочараност, кај нашите македонските новинари и политичари, зборувањето за ЕУ им стана помодарство, средство за собирање политички поени, продавање ветар и магла на народот, највероватно, затоа што немаат што друго да понудат, а и поим зад кој можат да ја сокријат својата некомпетентност и предавство. ЕУ стана нашата нова религија и нашата секојдневна утопистичка мантра. Ние сме давениците, ПО СВОЈ ИЗБОР, а ЕУ е нашата сламка за која очајно се држиме. Каде и да се свртам, знамиња на ЕУ и брошури, транспаренти, постери, (само не знам кој го плаќа сето тоа), и се што се прави, е ЕУ да биде среќна? Не сте во ЕУ, меѓутоа морате се да правите да ги задоволите потребите на ЕУ. А што е со нашите потреби, барем тие што се однесуваат на нашата егзистенција? 

Европската унија – Рамноправен респект или елитизам?

Не сакам да ме разберете погрешно. Јас многу си ја сакам нашата Европа, меѓутоа не го сакам тој елитизам, и создавање на затворени елитни кругови, ти можеш да дојдеш, ти не можеш. Тоа за мене не е демократија, тоа не е респект за сите подеднакво. На моменти не сум сигурна во кој век живееме? Сите ние сме ЖИТЕЛИ на Европа. Зошто сите да не можеме да живееме заедно со рамноправен респект и отворени граници? Па пред еден век човек требало само да посака и можел слободно да оди и да го види Париз, но, денес не може? И зошто себеси се негираме и спремно си го погазуваме својот народ, земја, традиција, вредности, достоинство, патриотизам, се во името на мантрата ЕУ? Ги сакаме, ги респектираме, но го нема истиот реципроцитет на респект, за жал.

Нашата нова генерација на новоакадемци

 Би сакала посебно да го поставам ова прашање за размислување на нашиве новоакадемци, во превод, за мене тоа се нашите деца, нови генерации на интелектуалци кои што се образуваа во правец на градењето на екилибриумот на постсоцијалистичково општество, односно утопијава која е неодржлива во секој аспект на нејзиното антихумано постоење како облик на глобален хибриден систем, и ние за жал ќе бидеме сведоци и ќе ја плаќаме цената на насилниот успон и разорниот пад на истиот. 

Тоа се генерации на наши деца, кои наместо да добијат образование од сите научни области и воспитување, привилегијата која ја имавме ние и нашите родители, тие растат како идни идеолошки поданици на новото глобалистичко општество, израснати со многу глобалистичка пропаганда, одсуство на морални вредности, извитоперен материјализам, полуписменост, комплетно отргнати од своите корени, традиции, вера и историја, а за патриотизмот и да не зборуваме. Тоа се генерациите на нашите деца кои ја плаќаат цената на нашата рамнодушност, изгубеност, предавство и кукавичлук. Во светот којшто ние им го создадовме…