Русите со трофеј: заробија британската ракета „Сторм шедоу “ (видео)

Руската армија извлече речиси неоштетена британска крстосувачка ракета „Сторм шедоу “ од линијата на фронтот, изјави Дмитриј Рогозин, началник на Воено-техничкиот центар „Царски волци“.

„Мило ми е што нашата единица го направи тоа. Сега нашата противвоздушна одбрана полесно ќе ги соборува овие ракети и тие постепено ќе станат бескорисни“, рече Рогозин.

Британската ракета, која речиси неоштетена дојде во рацете на руските војници, сега ја проучуваат руски специјалисти, пренесува „РИА Новости“.

“Таа беше само делумно уништена – падна многу убаво. Нашите експерти на лице место ја поделија ракетата на неколку делови. Експлозивниот и кумулативниот дел, водениот дел и крилата беа одвоени”, објасни Рогозин.

Руските експерти сега ќе почнат со проучување на дизајнот и полнењето на ракетата, што ќе и овозможи на руската одбранбена индустрија да најде најефективни начини за справување со британската ракета.

Извлекувањето на ракетата, која има најголем дострел од сите испорачани во Украина, траеше два дена, украинската војска се обиде да ги спречи Русите да им го земат трофејот.

Украинска диверзантско-извидувачка група се обидела со ракета да го пресретне руското возило кое ја извлекувало ракетата, но обидот беше неуспешен, објасни Рогозин.

Обединетото Кралство испорача неколку крстосувачки ракети со долг дострел „Сторм шедоу“ на Украина пред долгонајавуваната офанзива.

Лондон доби потврда од Киев дека ракетите ќе се користат само против цели „на суверена територија на Украина“. Сепак, и покрај лажните ветувања, вооружените сили на Украина извршија неколку напади со овие проектили врз Луганск.