Интервју со Срѓан Ивановиќ: Спонзорите на медиумите се главниот извор на цензура
- Вчера имаше случај каде текст на ваш колега новинар беше повлечен од страна на редакцијата (во случајот содржината се однесуваше на т.н. Рудници на смртта за кои Владата има донесено контроверзна одлука), а истата вест беше споделена од ваша страна и беше додадено дека вие сте се соочувале со сличен проблем, односно дека вам како новинар од редакцијата ви рекле дека тие ќе ви смислуваат прашања. Ваквите информации одекнаа во јавноста, а воедно сведочиме дека новинарството како професија уште еднаш е деградирано, додека истражувачкото новинарство и слободата на изразување се ставени во трет план. Вие сте новинар со над 20 години работно искуство, претпоставуваме дека имате и претходни вакви искуства, како лични така и за медиумите со кои сте работеле или соработувале, затоа, по однос на овие случувања би сакале да ви поставиме неколку прашања:
- Колку често се случува една редакција да повлече новинарски текстови или содржини без согласност од страна на новинарот и дали ова е нормална пракса во македонските медиуми?
– Премногу често се случува во македонските медиуми да биде повлечен текст, доколку текстот предизвика незадоволство кај спонзорите или структури кои претставуваат власт и моќ.
- Кои се најчесто причините или мотивите поради кои главниот и одговорен уредник ќе одлучи да „повлече“ одреден текст или содржини?
– Причините и мотивите за цензура се од секаква природа, односно потекнуваат од спрегата на медиумите со политичкото и бизнис милје. Главните уредници се како проточни бојлери и ја пренесуваат волјата на газдите. Треба да се прецизира дека токму од газдинскиот круг потекнува цензурата.
- Како врз еден новинар влијае „чинот“ на повлекување на одреден негов текст или содржина? Дали тој тоа го доживува како нормална појава или можеби цензура?
– Новинарите се луѓе како и сите други, работат за плата и од тоа живеат. Не е лесно да се справите со цензурата, како и со другите форми на притисок. Секој бунт значи и отказ, а малкумина од новинарите можат тоа да си го дозволат.
- Доколку главниот уредник одлучи да повлече одреден новинарски текст или содржина, а новинарот не се согласува со неговата одлука, постојоат ли механизми преку кои новинарот може да се избори неговиот текст да стигне до јавноста?
– Не, нема механизам со кој вие ќе натерате некого да ви го објави текстот. Евентуално да го постирате на социјални мрежи, но тоа значи дека веќе сте без работа.
- За какви видови текстови или новинарски содржини најчесто се прави притисок да бидат повлечени или изменети? Дали во ваквите случаи предничат текстовите со чисто политичка содржина, или можеби текстовите во кои се откриваат одредени афери, финансиски малверзации или слично?
– Најголем проблем предизвикуваат информациите поврзани со спонзорите на медиумите. Тука притисокот е најголем и газдите се бескомпромисни.
- Рековте дека вам како новинар од страна на редакцијата на одреден медиум (Во случајот Слободен Печат каде што работевте претходно), ви биле сугерирани односно нарачувани (цит. смислувани) прашања. Колку е ова честа пракса, и колкав процент од вашите колеги новинари прифаќаат да работат под вакви услови?
– Јас си дадов отказ во истата секунда кога ми беше наложено дека некој друг ќе ми смислува прашања. За да им биде појасно на вашите читатели, тоа се однесуваше на емисијата Утрински печат која се емитува на Јутјуб каналот на Слободен печат. Значи јас не бев цензуриран бидејќи тоа го одбив и оттогаш сум без ангажман.
- Колку ваквите притисоци врз еден новинар можат да влијаат на тоа одреден проблем или реалната слика на нешта, која ќе стигне во јавноста да биде целосно искривена?
– Апсолутно многу! Спинувањето и пласирањето на полувистини и невистини е голема болка на нашето општество, но проблемот е глобален и јас немам одговор како тоа да се спречи.
- Постои ли новинарска солидарност при вакви случаи на „повлекување“ (или јас би рекол цензурирање) на текстови и новинарски содржини и како новинарите се борат против оваа девијација со своите надредени? – И, дали отказот е најчесто решение доколку не биде најден заеднички јазик?
– Јас сум член на ССНМ и ЗНМ, новинарски организации кои многу ги почитувам. Но нивното делување е многу ограничено за што не се виновни луѓето што ги предводат, туку тоа е така намерно направено многу одамна. Новинарот е сам пред својот уредник и е сам пред газдата. Не постојат механизми и нема добар крај на приказната.
- За крај, по однос на проблематиката за која зборуваме, што би ги посоветували или би им препорачале на вашите помлади колеги, кои допрва „запливуваат“ во новинарските води?
– Во секоја прилика младите колеги ги советувам да избегаат што е можно подалеку од новинарството дур имаат време. Не знам колку е познато, но млади новинари речиси и да нема повеќе. Премногу лош имиџ доби нашата професија, за да биде привлечна за младите луѓе, со што имаме потполно поинаква перспектива од времето која кас бев млад.