Концерт на ансамблот „Танец“ вечерва на 62-от Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Со целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ вечерва почнува 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“.
На сцената на Долни Сарај до 9 овој месец, љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, но и од Словенија, Полска и САД.
Во рамките на програмата вчеравечер беше отворена изложбата на фотографии на традиционални носии „Од Љубанишча до Дебор” од авторот Љупчо Милошевски во Центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид.
Изложбата ќе може да се посети секој работен ден до 10 јули во галеријата на Центарот, а влезот е слободен.