(Видео) Апасиев: Левица поднесе интерпелација против Џафери, која ја поддржи и опозицијата

Прес-конференција на пратеникот и Претседател на Левица – проф. др. Димитар Апасиев, по повод поднесената интерпелација против спикерот на Собранието Талат Џафери.


„Минатонеделната најава за интерпелација денес се реализира. Пратениците на Левица успеаја да обезбедат поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за поднесување Интерпелација за работата на спикерот Талат Џафери, кој катастрофално лошо и своеволно го менаџира процесот на закажување седници и процесот на достава на работни материјали. Иако според нашата статистика има над триесетина таксативно наведени причини, ние се одлучивме за три главни причини.

Првата причина е тоа што, тој го игнорираше македонскиот јазик во својство на претседател на Собранието и пред Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент зборуваше само на албански јазик, со што го прекрши Уставот во Амандманот V и Членот 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик, со елементи на кривично дело за коешто го повикуваме и Основното јавно обвинителство „екс официо“ да поведе постапка.

Втората причина, е тоа што се врши еден феномен непознат досега на истиснување на македонскиот јазик од Собранието, односно од работните материјали кои ни’ се доставуваат двојазично, што е спротивно и на Уставот и на Деловникот, бидејќи такво право имаат само пратениците, кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, а не сите останати пратеници.

И третата главна причина е поради тоа што тој дозволи двајца заболени пратеници од Корона вирус да гласаат во скафандери – спротивно на Протоколот и на дополнението на Протоколот, којшто предвидува само суспектни, а не позитивни пратеници и којшто го прекрши во делот на тоа што овие пратеници според Протоколот, требаше да чекаат во возилото и да влезат последни, а не први во салата.

Правниот тим на Левица во петокот поднесе и Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Секторот за управен надзор во Министерството за култура, којшто согласност законот е надлежен да врши надзор на примената на правила на македонскиот јазик.”