СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одобрија да гради компанија поврзана со корупција на Косово

Во Собранието, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа забелешки Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10 без тендер, со директна спогодба со Владата. Пред три месеци беше соопштено дека е потпишан Меморандум за соработка со американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка, каде присуствуваше и амбасадорката Кејт Брнз. Специјалниот закон денеска по скрaтeна постапка го помина комисискиот филтер.

Во предлог законот е предвидено стратешкиот партнер да го менаџира проектирањето и изградбата на деловите од Коридорите. Финансии ќе се „црпат“ од буџетот, но не е наведно колку би чинел.

Оваа компанија ја следат низа скандали, поврзани со корупција, нереализирани проекти и нетранспаретни преговори. Шестмесечен истражувачки проект на новинарската школа на калифорнискиот Беркли вели дека проектите на Бехтел се непотребен луксуз за земјите во кои се градело и дека проблемите биле видливи и пред да бидат удрени првите лопати.

Улогата на тогашниот амбасадор на САД во Косово, фамозниот Кристофер Дел, кој по своето влијание и улога во косовските политики имал ранг на монарх е дел од тоа проблематично бришење на линијата меѓу американската надворешна политика и корпоративните интереси.

Бехтел е баш гигант; станува збор за најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји и пред десетина години вртеле 40 милијарди долари годишно.

Во 1998 корпорацијата постигна договор за градење автопат во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобира за втор договор со Бехтел по урнек на првиот, се открива дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма Патон Богс која имала договор за лобирање со – Бехтел. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажа од директно договарање и отиде на јавен тендер.



Сличен e случајот и со Романија каде во 2003 година беше постигнат директен договор за модернизирање на речиси непостоечки автопат, за цена од 2,7 милијарди долари. Проектот станува 10 годишна ноќна мора за обете страни; одложувања, спорови, меѓусебни обвинувања за уцени и корупција. Сув остаток: за добиени 64% од парите, Бехтел испорачал 12,5% од договорот.

Надвор од вклучените страни, ретко кој го видел договорот за косовскиот автопат; тоа не му успеало ни на специјалниот меѓународен претставник на Косово Питер Феит, кој комплетно бил тргнат настрана.

Фрапантната сума од 1,3 милијарди долари е постигната на веќе виден начин, со договор кој вели дека конечната цена ќе биде утврдена откако сè ќе биде завршено, што остава простор за безброј анекси на договорот.

„Никој не беше против пат, ама беше против начинот на кој беше договорен и изграден. Можевме да имаме и убав пат и да ни останат пари за здравство и образование“ вели Љумир Абдиџику, извршен директор на Риинвест институтот за развојни истражувања во Приштина.

Според некои протечени делови од договорот, во него има навистина бесрамни ставки: на пример се предвидуваат 53 милиони долари за пренесување на опремата и механизацијата. А таа била на самата граница (со Албанија) бидејќи Бехтел го градел и тој дел од автопатот. Само за преминување на границата – 53 милиони долари.

„Правилото гласи: која држава бомбардира, таа држава после ги добива договорите,“ вели за ФП западен консултант со повеќегодишно искуство од Балканот.

„Бомбите се скапа работа“.

Ивор: off.net.mk