Левица: Штрајкот не е уцена

Реакција на Левица – Трудов Сектор.

Владата наместо што поскоро да ги исполни барањата на просветните работници, намерно одолговлекува на штета на децата.

Колку подолго траат преговорите толку е поголема штетата која ја нанесуваат на децата и на родителите кои немаат услови да задржат децата надвор од училиштата и градинките. По принципот на “раздели па владеј”, Владата сака револтот на родителите да го пренасочи кон синдикатот како организатор на штрајкот.

Владата треба веднаш да ги удоволи барањата на работниците и да го прекине штрајкот а не да создава немири и непријатели помеѓу родителите и наставниците. Владата отиде чекор понапред па и се заканува со неисплата на платите на работниците кои штрајкуваат што е незаконско и неосновано е таквото постапување. Според Уставот секој има право на работа , а Законот за работните односи утврдува заштита на правата на работникот за време на штрајк. Работникот не смее да трпи реперкусии доколку го изразува непочитувањето на своите права преку штрајк.

Владата со цел да ја манипулира јавноста ги претставува просветните работници како себични, кои ги бараат своите права преку штета на децата, но реалноста е дека просветните работници во општеството се маргинализирана категорија. Единствените работници кои директно и непосредно се грижат за нашите деца се подложни на секојдневни вознемирувања и мобинг, кратење на плати и казни, партиски распоредувања и многу други неправилности на работните места.

Сето тоа просветните работници мора гордо да го издржат и без да покажат емпатија и незадоволство да продолжат со воспитување на нашите деца. Досега работниците молчеа и трпеа секакви тортури но сега своето незадоволство го изразија преку штрајк.

Апелираме Владата да не се заканува со незаконски санкции и да го насочуваа револтот на родителите кон синдикатот туку веднаш да донесе мерки со кои ќе бидат задоволени барањата на просветните работници.
Секое одолговлекување содава немири во општеството кое не одговара никому.

Левица ги подржува работниците во остварување на своите права но ги разбира и загриженоста на родителите за своите деца.

Затоа упатуваме на заедничка сплотеност во борбата против неажурноста на оваа Влада која нема слух за работниците.