АктуелноИнтервјуЛокално

Интервју со Кираџиева: АФЖ создава кадар – За жените има место во политиката

Весна Кираџиева е атлетска репрезентативка на Македонија повеќе од 20 години, поранешна рекордерка и шесткратна шампионка на Македонија во маратон, Координатор на Левица – Сектор спорт и првата раководителка на Антифашистичкиот фронт на жени при Левица (АФЖ). Со Кираџиева разговаравме за идејата и формирањето на АФЖ , борбата и инволвираноста на жените во политиката.

  • Што претставува Антифашистичкиот фронт на жени при Левица и за што се залага?

Антифашистичкиот фронт на жените на Левица или скратено АФЖ, меѓу другото, се залага да го разобличи патријархалниот морал и да учествува во борбата против сите облици на дискриминација по било кој основ, но и да поттикнува лев феминизам, како стожер и никулец на феминизмот генерално. Воедно и да го промовира политичкото и економското јакнење на жените, социјалното вклучување на жените од руралните средини и маргинализираните и ранливите групи.

Сѐ уште, за жал, не само во нашето, македонско општество, туку и во светски рамки жените се заробени во религиозните стеги, со злоупотреба на верските чувства, културната заостанатост, предрасудите и стереотипите, па нашите заложби во овој поглед се во борбата за еманципација на жените, да се ослободиме од сите стереотипи и предрасуди, но и апсолутно тука е потребна активна вклученост и паралелна еманципација и на мажите, особено на младите момци и девојки.

  • Кога и како се роди идејата за формирање на АФЖ?

Основан на 8 март годинава, симболично, на Денот на жената со одлука на Президиумот на Левица, идејата извира од антифашистичката борба на нашите жени – народни херои, кои биле дел од борба за слободна, независна и суверена Македонија.

Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) чие име го носиме ние гордо денес, било движење на жените кое започнало за време на Втората светска војна во Македонија. Движењето подоцна било тесно поврзано и со организацијата на грчката граѓанска војна, Народноослободителниот фронт во која имало значителен број на партизанки.

Денес, ние како наследнички на овие храбри борки ја преземаме улогата и ја продолжуваме битката, бидејќи нашата слобода денес е привидна, но за жал сѐ уште сме во борба за ослободување од неоколинајните канџи на глобалниот Запад, предводени од повеќе од триесетгодишен ненароден ражим на чело со квислинзи.

  • За што се немаат изборено сѐ уште жените во Македонија? Со какви предизвици се соочуваат според тебе?

Реалноста е дека борбата на македонската жена сѐ уште не е изборена во пракса. Почнувајќи од најбазичното, како образование, па до пазарот на трудот. Декларативно, на хартија – да, секој ќе ви потврди дека нема законски ограничувања кои ги оспоруваат правата на жените во однос на мажите, но во пракса е друго.

За жал, сѐ уште огромен број на млади девојки немаат можност да се образуваат, бидејќи им се забранува, особено во руралните, конзервативни, религиозни средини, а малолетни девојчиња се принудени да стапуваат во договорени бракови. Иако ова е забрането со закон, а образованието до факултет е задолжително, сепак институциите длабоко потфрлаат да ги санкционираат ваквите девијантни однесувања. Па оттука, сиромаштијата, социјалната и класна нееднаквост потекнува и од недоволно образование.

Нееднаква можност при вработување, кои се и последица на несоодветното или немањето воопшто некакво образование, доведуваат до тоа, жените да се во зависна позиција од мажот, а ова доведува до премолчување и толерирање семејно насилство, кое за жал сме сведоци дека неретко резултира и со фемицид.

Но и жените од урбаните средини се соочуваат со своите предизвици на секојдневието. Она што требаше да претставува еманципација на жените од домашната работа и патријархалното семејство, денес се претвори во двојна угнетеност која сега се одвива и на работното место и во домот. Жената, во борбата за еднакви можности за работа, ја извојува битката и сега има прилика да гради и деловна кариера, но еманципацијата закочи попатно, некаде во процесот. Сега, освен деловна кариера, жената паралелно е задолжена и со истите домашни обврски кои ги имала и пред да се избори за своето право на глас и еднаква работна можност, па чувањето и растењето на децата, чистењето, перењето и одржувањето на домот, сѐ уште во огромна мера останува на товар на жената.

Тука мора да продолжиме со еманципацијата и на мажите и на жените, дека поделбата на трудот значи поделба и во домашните и во работните обврски. Всушност, кога обврските и задачите се поделени, работата побрзо се завршува. Тоа е и правилото на природата, затоа сите работи во природата се создадени во пар – функциите кои ги имаме се делат за да бидат дупло полесни.

  • Зошто жените не покажуваат интерес кон политиката? Постои ли сѐ уште стереитипот дека жената не е за во политика?

Мислам дека одговорот на ова е во самото прашање. Стереотипите за „машка“ и „женска“ професија се длабоко вкоренети во патријархалниот систем кој е пак вкоренет како таков со милениуми и милениуми наназад и треба долг период и процес да се искорени.

 Во ерата на примитивизмот и раната цивилизациска доба на човештвото, кога од матријархат, сме преминале во патријархат, улогата на овој наш предок била сосема поразлична, потребите им биле различни, па дури и правилата на природата биле други. Кога се адаптирала улогата на мажот и жената, условите биле такви да, жената била таа која се грижела за домот и децата, најчесто била трудна, (по аналогија дека нашите прабаби и баби, до пред само помалку од еден век раѓале и по десет деца), и нејзините физички предизпозиции во таа ера, тоа го налагале – грижа за домот, буквално грижа за огништето. Додека мажот од таа ера и неговите физички предиспозиции налагале да се искористи физичката сила за лов и соочување со опасностите на дивите ѕверови во потрага по храна за семејството, за цепење дрва за огрев, за градење на куќи и сл. И ова е процес кој се одвивал со милениуми, длабоко вкоренет во ДНК-та на човекот: мажот се грижи за да донесе храна на масат и безбеден кров над главата, жената за домот и децата.

За среќа, цивилизијата има огромен прогрес, особено изминатиов век, па ваквата примитивна поделба на улогите на мажите и жените не е веќе примарна. Денешното, технолошки напредно општество, не го остава просечниот мажот во позиција да мора да лови, да цепи дрва, сам да си гради куќа и да работи на нива за да преживее, или не во онаа мера како што било сѐ до пред еден век. Сега повеќето мажи, како и жени пазарат сѐ од продавница, си купуваат куќи/станови и имаат греење или купуваат дрва за огрев. Па оттука, улогата која ја имал мажот, сега е сведена на многу мал процент на мажи кои се занимаваат со ваков тип на физичка работа, но мнозинството не. Но домот и понатаму треба да се одржува, на децата и понатаму им е потребна грижа, па така работната улога на мажот се растеретила, но не и онаа на жената.

Ова навраќање низ историјата на цивилизацијата го давам со цел да направам паралела до она што некогаш било потреба и како такво се вкоренило како нешто фиксно и непроменливо и во денешниот цивилизациски напредок, кој не ни дава простор за ваков тип на фиксна поделба на „машка“ и „женска“ работа. Оттука, стереотипите дека политиката не е за жени, или спортот не е за жени, се само стереотипи на цивилизациски заостанати размислувања на примитивниот човек кој го опишав погоре. Денешната модерна и технолошки напредна доба, не ја има потребата од оваа предисториска поделба на трудот. Секако дека мажот физички сѐ уште е посупериорен од жената, затоа и оној процент мажи кои се потребни во градежништво, хаусмајстори, земјоделие, рударство и слични индустрии каде е потребна повеќе физичка сила, не е логично да се коментира со она: „па што не работите и вие жените таму ако сакате рамноправност?“. Сепак се работи за физички предиспозиции и кој колкав квалитет може да понуди за дадена работа.

Но, да се оспорува интелектуалната способност на жените наспроти мажите е апсурдно и цивилизациски назад. Физичката и интелектуалната моќ кај мажите и жените не е за споредување. А политиката бара интелект која не им недостасува на жени, дури е и предимство, бидејќи жените природно го имаат всадено чувството за ред, правичност и дисциплина – ова ѝ било потребно на жената од погоре, уште од добата на рана цивилизација, со цел да опстане и да го одржи многудетното семејство, особено во отсуство на мажот во домот поради потрага по храна, или војна или печалба… Но за жал, стереотипните, примитивистичка сфаќања на општеството, сѐ уште ја сместуваат жената дома, да чува дом и деца, наместо да е „кариеристка“ и ова уште од најмала возраст им се всадува како норматив и на машките и на женските деца и ќе биде долг и макотрпен процес на искоренување, бидејќи е нешто што со милениуми било всадено како стандард во општеството.

Затоа, би сакала да ги охрабрам и жените, но и мажите, да се поотворени во овој поглед, да се охрабрат да бидат поактивни политички и да им се даде шанса, бидејќи ве уверувам дека кај нас во Левица и сега преку АФЖ создаваме и имаме кадарни жени, нов бран политичарки кои доколку се на вистинските позиции, ќе докажат дека жените во политката се нешто што му фалело на општеството и на Македонија оддамна.

  • Што може да очекуваме од АФЖ во периодот што престои?

Како новоформирано тело на Левица, ни претстои многу работа. Пред сѐ, активно учество во унапредувањето и подобрување на политиките на партијата, не само за позицијата на жените, туку и генерално, во креирањето на државничките и локални политики.

Оттука, планираме да оствариме контакти со поединци/ки и да одржуваме средби со здруженија на кои би дискутирале на актуелните теми за општествена афирмација на жените во социјално-општествениот живот, но и средби во рамките на самата наша партија, низ ограноците во Македонија, со цел да имаме прилика и одблизу да дискутираме, но и да ги едуцираме жените и мажите подеднакво, за позициите и важноста за помасовна вклученсот на жените во политиката. „Нов бран политичарки“ е мини кампања која ја започнавме за промоција на жените политичарки од Левица.

  • Постои ли социјална еднаквост помеѓу мажите и жените во Македонија? Каква е положбата на жените во капиталистичкото општество?

За жал не. За ова доказ се истражувањата во однос на социјалната еднаквост на мажите и жените. На пример, работните позиции во однос на мажите и жените и нивното учество на пазарот на трудот покажуваат огромен јаз.

На работни позиции каде се бараат негувателки, згрижувачки, наставнички, медицински сестри и сл, 63% од вработените се жени. На овој тип на работни позиции, каде се дава некој вид на грижа, просечната плата е 28 илјади денари. Додека пак, во ИТ секторот, 66% се мажи, но тука просечната плата е 59 илјади денари. Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд доведуваат до родов јаз и социјална нееднаквост.

На овие факти, стереотипното, патријархално општество ќе ви одговори, па да, мажите не се создадени да чуваат деца и да се грижат за старите лица, тоа е поприродна работа за жените, па сѐ до другата крајност, каде одговорот е, кој им е крив на жените, никој не им брани да се вклучат во ИТ сектор.

Е тука доаѓаме до клучот на одговорот. Од каде потекнуваат ваквите сереотипни размислувања? Од најмала возраст на децата, од начинот на кој сме растени и образувани (голем дел од девојчињата и не се образувани, бидејќи не им е дозволено, во голема мера од верски и религиозни стереотипи), во сѐ уште масовно патријархално општество. Па така, на девојчињата им даваме куклу, играчки во форма на мали розови шпорети, тенџериња и пегли (секогаш се розови, бидејќи оваа бојата е стереотипно секогаш „женска боја“), додека на момчињата им купиваме играчки во облик на пушки, пиштоли, мали „ферари“ и џипови. Педагозите и психолозите велат дека куклите на пример, кај девојчињата ја создаваат онаа грижа и мајчинска љубов која утре се очекува да ја имаат кон сопствените деца.

Ако ова е точно, зошто е тогаш погрешно истото да им се всадува и на младите момчиња? Зарем на едно дете не му е потребна подеднакво и татковата љубов и грижа, подеднакво колку и мајчината? Зарем младите момци не треба подеднакво да се воспитуваат дека од нив, кога ќе пораснат ќе се очекува да бидат грижливи татковци и сопрузи и зошто ова би било погрешно? Ако на децата од мали им ги всадуваме ставовите и гледиштата на светот во кој треба да живеат, дали купувањето на пластични пушки и мини Формули не им прави општествен притисок на момчињата уште од најмала возраст, дека општеството ова го очекува од нив кога ќе пораснат, да бидат агресивни, со милитаристички „ mindset“ (начин на размислување) и доволно финансиски моќни за да купуваат „бесни коли“ и како е ова во ред?

Со овие пластични примери сакам само да ги истакнам корените на социјалната и родова нееднаквост на денешното време, но и да потенцирам дека ова е долг процес на еманципација на целото општество, бидејќи признавам дека и јас сум дел од истите стереотипи и предрасуди, дека и јас, по линија на помал отпор, на роденден кај децата на моите најдраги пријатели, во зависност од тоа дали е момче или девојче, купувам играчки согласно „установените норми“. Подеднакво колку што денес се згрозува општеството на помислата на машко во фустан, толкаво било и згрозувањето кога пред еден век жените почнале да облекуваат панталони, нешто што денес го земаме како најприродно и најнормално. Но и тоа бил вековен процес на еманципација на мажите и жените, па дури и моите две (сега покојни) баби, никогаш во својот живот немаа облечено панталони, а живееја и во овој век.

Но, сѐ започнува од идеја, од разговор, отворена дискусија и на крајот прифаќање на разликите, бидејќи мажите и жените секогаш ќе имаме различни интереси и ставови, пред сѐ ние физички не сме исти, нашите физички и биолошки предиспозиции не се исти, но тоа не е воопшто причина да се потцени и омаловажи позицијата на другиот, работниот труд или пак да бидат дупло помалку платени работните позиции каде процентот на жени е поголем, наспроти оние каде процентот на мажи е поголем.

Оттука да заклучам, класниот и родовиот јаз имаат тесна поврзаност, ако сакаме класно и социјално рамноправно општество, мора да работиме дупло понапорно заедно, и мажите и жените, да го надминеме родовиот јаз, почнувајќи од дома, преку образованието, па сѐ до социјалниот и општествен живот.