ЕУ најави замрзнување на европските фондови и политичките контакти со Приштина

Замрзнување на работата на телата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, суспендирање на европските фондови за Косово и прекинување на политичките контакти со властите во Приштина се мерките што Европската комисија формално ќе ги предложи против властите во Приштина оваа недела, изјави членот на ЕК, Јан Герт во Брисел.

„Оваа недела Европската комисија формално ќе предложи список на мерки против властите во Приштина поради непочитување на барањето за деескалација на северот на Косово“, – изјави во Брисел членот на Европската комисија Јан Герт Копман.

Најавените мерки вклучуваат замрзнување на работата на телата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, суспендирање на европските фондови за Косово и прекинување на политичките контакти со властите во Приштина.

„Ќе го суспендираме планирањето на средствата за Косово, а предлозите на Приштина според финансиската рамка за Западен Балкан нема да бидат обработени. Тековната поддршка преку процесот на јавни набавки и потпишувањето договори исто така ќе бидат суспендирани“, рече Копман, директор на проширување во Европската комисија, говорејќи во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент заедно со претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.

Ќе бидат прекинати и политичките контакти и средбите на високо ниво со претставниците на Приштина, рече Копман.

Тој нагласи дека има „многу малку знаци“ за деескалација од страна на властите во Приштина и дека Европската комисија е „многу загрижена“ поради ризикот од ширење на конфликтот.

Овие мерки треба да се сфатат како привремени и реверзибилни одлуки, кои зависат од конкретните чекори кон деескалација на властите во Приштина, со цел да се обезбеди враќање на дијалогот, рече Копман.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борељ, претходно најави дека ЕУ ќе преземе нови политички и финансиски мерки насочени против Приштина, доколку не се смири ситуацијата на северот на Косово.