Протест: Стоп за урбаната мафија – Не сакаме згради во Лисиче

Со балони, свирчиња и тапани, жителите на скопско Лисиче вчера излегоа на протест против новиот Детален урбанистички план кој го подготвува Општина Аеродром. Порачаа дека не сакаат згради и дека за урбаната мафија нема место во нивната мирна населба. Бараат планот целосно да се повлече бидејќи е смрт за населбата.

„Не веруваме во објавите од Општината дека планот ќе се промени и дека ќе бидат земени предвид нашите барања. Нашите барања се да се избришат маркичките за згради. Овој дел од Скопје е со големо загадување на воздухот, како може да цртаат облакодери”, рекоа жителите на протестот.

Во Општина Аеродром тече постапката за ревидирање на првата и изработка на втора ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, информираат од општината.  Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ ова го оценуваат како обид за манипулација од страна на градоначалникот Муцунски, кој е намерен да го амортизира процесот и да ја истера работата до крај. Заради ова тие најавија одржување на нов протест следната недела и дека тие нема да се откажат од своите барања.

Според новиот ДУП, во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија, на просторот каде што сега нема објекти, туку само еден плац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, шест ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булеварот Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катница со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да градат згради со приземје, четири ката и поткровје.

„Лисиче е најзагадена општина во Скопје, и сега со новиот план околу нашите куќи се цртаат висококатници. Ќе бидиме затворени со бетонски ѕид и целосно ќе се оневозможи протокот на воздух. Предлог-планот беше нетранспарентно објевен. За јавната презентација не знаеше никој, а дека во тек е јавна анкета дознавме неколку дена пред нејзиното завршување“, вели Тодор Коцаров, жител на населбата Лисиче.